Први фотки од амбициозниот проект на Тарантино, „Once Upon a Time in Hollywood“
Бред Пит, Леонардо ди Каприо, Марго Роби, Ал Пачино и уште многу големи актерски имиња ќе ги гледаме во претстојниот деветти филм на Квентин Тарантино, кој раскажува бајка за последните златни години на Холивуд.
Тарантино бил само шестгодишно дете од Лос Анџелес во 1969, кога во текот на летото кланот на Чарлс Менсон убиваше. Ова и не би било холивудска приказна, ако една од неговите жртви не беше актерката Шерон Тејт, сопруга на режисерот Роман Полански.
Ако некоја година треба да се издвои од холивудската ера, тоа е токму 1969-та, поради луѓето кои во тоа време биле активни и животниот стил кој се живеел. Тарантино не е име кое го поврзуваме со историски филмови, но овојпат тој реши да раскаже сосема поинаква приказна.
На 26 јули оваа година во САД, а потоа и низ кината низ светот ќе биде реализиран филмот „Once Upon a Time in Hollywood“. Дел од приказната е и токму убиството на Шерон Тејт. Фокусот на филмот е на ТВ-актер чија кариера изумира и неговиот дублер, кој сака да стане познат, а прилика за тоа добива токму во периодот на масакрот во домот на Полански.
Магазинот „Vanity Fair“ ексклузивно ги објави првите фотографии од долгоочекуваниот амбициозен филм.
Е. Д. | Црнобело