Преценети филмови за кои навистина не ги сфаќаме високите оценки
Многу често вкусот на критичарите и публиката не се поклопува. Некои филмови имаат многу високи оценки, а навистина не сфаќаме како ги заслужиле.
Годината која измина имаше премногу вакви филмски остварувања, со огромен буџет за реализација на проектите кои, сепак, не ги оправдаа очекувањата.
Кој според вас е најпреценет филм кој воопшто не го заслужува вниманието?
The Killing of a Sacred Deer
Психолошкиот трилер од режисерот Јоргос Лантимос, мајсторот на црната комедија, ја носи приказната за еден тинејџер кој се обидува да воведе хаос во животот на брилијантен хирург, принудувајќи го да направи неблагодарен избор, односно жртва.
Приказната можеби ќе ви го привлече вниманието, но глумата (веројатно намерно) е по малку чудна и „пластична“.
На крајот (доколку издржите да го изгледате целиот филм) ќе се запрашате зошто изгубивте 2 часа од животот.
Причината зошто филмот е бизарен лежи можеби во тоа што режисерот изјавил дека проектот бил замислен како комедија, за на крајот да заврши како сериозна драма.
Lady Bird
Веројатно сте погледале многу филмови од ваков тип и далеку подобри, но овој не само што има високи оценки, туку беше номиниран и за Оскар.
Кристин е 17-годишна тинејџерка која се обидува да се справи со сите предизвици кои ги носи созревањето со себе.
Дејствието е скоро праволиниско и на моменти крајно монотоно, а крајот на филмот е неверојатно млак. Во секој случај му недостасува многу оригиналност за да ги заслужи сите пофалби кои ги собра.
Mother!
Талентираниот Дарен Аронофски е сценаристот и режисерот на овој филм, кој после „Noah“ е веројатно најслабото нешто коешто сме го виделе од него.
Во случај да испуштите некој од „суптилните“ знаци кои се провлекуваат низ целиот филм, на крајот се дава и објаснување (за секој случај) за гледачот, со што дополнително ја навредува интелигенцијата на публиката.
Она што треба да биде еден вид маестрална алегорија всушност делува прилично провидно и смешно на моменти. Огромно разочарување, а не помогна ниту фактот што публиката беше наведена да мисли дека ова е наследникот на „Розмариното бебе“.
Beauty and the Beast
Долгоочекуваната филмска адаптација на познатата приказна за Убавицата и Ѕверот едноставно не ги исполни очекувањата.
Со сигурност може да се каже дека единствено улогата на Гастон го размрда точно утврденото дејствие, скоро идентично како и цртаниот филм, кој сепак е далеку подобар и поинтересен за разлика од филмската верзија.
Ема Вотсон скоро бездушно и роботски ја одработи својата задача, а конечниот производ е крајно разочарувачки. Анимираниот филм е далеку подобра и поубава варијанта.
https://www.youtube.com/watch?v=OvW_L8sTu5E
The Beguiled
Последното режисерско остварување на талентирана Софија Копола не успеа да го испорача она што публиката го очекува од неа.
Кога ранетиот војник пристигнува во женскиот интернат во Вирџинија со цел да се засолни од непријателите за време на Американската граѓанска војна, помеѓу жените започнува да се јавуваат чувства на љубомора и предавство.
Приказната можеби ќе ви го задржи вниманието за момент, но откако ќе заврши ќе го заборавите за помалку од 10 минути, без желба да го изгледате повторно.
Овој филм е далеку од маестралните „Lost in Translation“ и „Somewhere“ на Копола.