Тинејџерски филмови од ’90-тите по кои лудувавме
Се сеќавате на времињата кога изнајмувавме видео касети за да ги гледаме најновите филмови? Или кога со денови го чекавме нашиот омилен филм на телевизија за чие пуштање сме се информирале преку тв програмата во весникот? Какви златни филмски времиња.
Тинејџерските филмови од пред скоро 2 декади беа нешто посебно. Сите без исклучок лудувавме по Џош Хартнет, Фреди Принц Јуниор, а скоро и да не постоеше девојка која не се замисли на местото на Џулија Стајлс на фудбалскиот терен додека Хит Леџер ѝ ја испеа познатата „Can’t Take My Eyes Off You“.
За минатите, сегашните и идните времиња кои доаѓаат, време е да се потсетиме на 10 култни тинејџерски филмови од ’90-тите години:
Clueless 1995
Шер е богата и разгалена тинејџерка, а кога доаѓа нова беспомошна девојка во училиштето таа ја зема под своја закрила со цел да ја направи популарна. Кога нејзината популарност ќе се најде пред исчезнување и кога ќе сфати дека е вљубена во момчето кое ја нервира, Шер почнува да ги преиспитува одлуките.
10 Things I Hate About You 1999
Две сестри кои не може да бидат поразлични. Едната сака да биде популарна, а другата живее по свои правила. Едната сака очајно да излегува со момчиња, другата ги одбегнува. Со цел да излезе на состанок, помалата сестра мора да ѝ пронајде момче на постарата.
Cruel Intentions 1999
Кој би можел да го заборави феноменалниот Рајан Филипe како Себастијан во Сурови намери?
Заедно со својата полусестра Кетрин, двајцата уживаат да им ги загорчуваат животите на луѓето околу нив. Работите стануваат комплицирани кога ќе се обложат дали Себастијан ќе успее да спие со ќерката на новиот директор на училиштето пред да започне учебната година.
Encino Man 1992
Двајца средношколци сосема случајно ќе пронајдат замрзнат пештерски човек во задниот дел од дворот. Откако тој ќе оживее ќе започнат да се дружат, обидувајќи се да го прилагодат на модерното време.
Now and Then 1995
Четири неразделни другарки растат во времето на ’70-тите споделувајќи авантури, предизвици и првите вљубувања. Многу години подоцна повторно се среќаваат во истото мало гратче.