Чичко Али во Старата скопска чаршија е последниот традиционален јорганџија - ни ги откри тајните на занаетот (фото)
- Детали
- четврток, 18 ноември 2021
Во минатото во чаршијата имало цела улица на јорганџии, а и повеќе од осумстотини дуќани, сега само еден – господин Али Халили (65). „Моето семејство го има дуќанот повеќе од 80 години. Го отворил дедо ми, па го наследил татко ми и сега јас сум трета генерација. Но, за жал традицијата ќе се прекине затоа што нема кој да ме наследи...“, раскажува чичко Али за CRNOBELO.com.
Ја сакате ли Старата скопска чаршија? Одите ли таму на турско кафе варено на песок или можеби на вкусен лахмаџун? Сте ги погледнале ли некогаш малите занаетчиски дуќанчиња?
Каква само магија и историја кријат тие... Таму има врвни занаетчии кои креираат ремек дела.
Македонската дизајнерка Ирина Тошева за нејзината нова модна колекција „Зина“ имаше соработка токму со еден таков занаетчија, поточно со последниот традиционален јорганџија во Старата скопска чаршија. Станува збор за 65-годишниот Али Халили.
Моравме да го исконтактираме, а тој за CRNOBELO.com откри некои тајни од неговиот занает:
„Дуќанот моето семејство го има повеќе од 80 години. Го отворил дедо ми, па го наследил татко ми и сега јас сум трета генерација. Но, за жал традицијата ќе се прекине затоа што нема кој да ме наследи. Никој не е заинтересеиран затоа што ова е тежок и непрофитабилен занает во денешно време.
Кај мене доаѓаат клиенти од Македонија, но и од целиот свет кои сакаат тешки јоргани од природни материјали, кои се добри за здравјето. Еден јорган со големина 2 метра на 2 метра, изработен кај мене тежи од 3 до 4 килограми.
Се случува да ми донесат и стар јорган на пример од волна рачно сошиен за да му ставам нови платна, па пак рачно да го сошијам. Има процес кој се нарекува дрндање на полнежот, па полнежот се става во платно, па да се тепа. Тоа е голема мајсторија за јорганот да биде подеднаков насекаде, особено на краевите.
После рачно се шие и изработката денес ми трае најмалку 3 или 4 дена. Кога бев млад и имав повеќе енергија можев да изработам јорган и за еден ден.
Пред некое време кај мене дојде семејство дури од Малта и купија јорган со памук и го носеа авионски дома затоа што кај нас е 5, 6 пати поевтино од кај нив. Знаат дека се внимава на изработката и се користи од квалитетни материјали за полнеж до квалитетен конец.
Јорганите траат по 30, 40, 50, па и повеќе години. Ми доаѓале и луѓе дури од Шведска за да си купат јорган.
Замислете секоја вечер 8 часа сон во јорган од вештачки материјали, тоа навистина не е добро за здравјето, многу подобро е да се спие во ваков јорган од природни материјали, тие го знаат тоа.
Инаку, најстар јорган кој ми го донеле досега за да го средам е јорган стар рекордни 72 години, кој им бил семејно наследство. Го средив и сега ќе им трае уште долго. Квалитетниот јорган е инвестиција во здравјето.“
Ирина Тошева за соработката со него за CRNOBELO.com вели:
„Можам да кажам дека господин Али беше многу посветен и внимателно ми објаснуваше околу целиот процес, научив многу и се надевам наскоро ќе соработуваме пак.“
Преку соработката со последниот традиционален јорганџија во Старата скопска чаршија и јорганџиството како занает во изумирање, Тошева со новата колекција тежнее кон негово актуализирање и заживување во моден контекст.
Јорганџиството како занает подразбира многу труд, трпение, умешност и креативност. Кај овој занает се идентификуваат два стила: солунски и истанбулски. Тие се разликуваат само во држењето на иглата.
Кај нас преовладува солунскиот стил. Тоа е еден процес што трае речиси една недела. Само шиењето бара три-четири дена, и тоа осум часа дневно, упорна работа. Во минатото во чаршијата имало цела улица на јорганџиите, а и повеќе од осумстотини дуќани.
За трите парчиња кои ги работевме беа потребни околу 38 часа работа.
Инаку, моделите од новата модна колекција на Ирина се изработени од одржливи материјали и остатоци. Колекцијата креативно трага по опстојувањето на културата и традиционалните занаети во идно време, што од нас бара да ја спасиме нашата животна средина сега.
„Културна одржливост е одржувањето на културните верувања, културните практики и занаети, зачувувањето на наследството, обидувајќи се да одговори на прашањето дали ќе постои или не некоја дадена култура во контекст на иднината.
Одржливоста е способност да се одржи и/или продолжи. Двата поими се испреплетени во општествените и политичките домени и како такви, станаа еден од поважните концепти на одржливост“- истакнува Тошева.
Со користење еколошки материјали со сертификати, кои го гарантираат составот и етичкото производство, остатоци материјали од локални фабрики, работење со дигитално изработени кроеви, Ирина се стреми кон транспарентен синџир на производство без отпад, придонесувајќи кон развивањето на цирклуларната економија во нашата земја.
Едиторијалот е снимен на уште една занемарена и заборавена локација, базенот и паркот во Сарај. Фотографиите се дело на Александра Костадиновска.
Колекцијата е дел од поддржаните проекти од локален интерес во културата на Град Скопје, за 2021 година.
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело