Билјанините извори настанале од солзите на Билјана и уште 5 стари, охридски легенди
- Детали
- среда, 11 август 2021
Една легенда вели дека градот го носи името Охрид бидејќи кога самоиловите војници се враќале во родниот крај, изморени и повредени од долгите битки, бавно и тешко го искачувале ридот кој е сместен Стариот дел од градот и извикувале „Ох риде, ох риде“...
Со својата богата културна ризница, природна убавина, традиционална архитектура и долга историја, Охрид го носи епитетот за најубав град во Македонија.
Овој град на езерското крајбрежје се нарекува „град на светлината“ поради неговото старо име Лихнидос и „балкански Ерусалим“ поради многуте цркви и манастири. Во 15 век познатиот турски патописец Евлија Челебија запишал дека градот има 365 цркви, по една за секој ден од годината.
За Охрид постојат, се раскажуваат и ќе продолжат да се раскажуваат приказни и стари легенди, за името, за езерото, за изворите…
Ох рид! Ох рид!
Легендата за името на градот се поврзува со две македонски историски личности - слична приказна, само се менува главниот лик.
Според едната, царот Јустинијан се качил на ридовите на кои лежи градот и гледајќи ја прекрасната околина извикал „ОХ РИД“, восхитен од убавината пред него, па оттаму градот го носи името Охрид.
Другата легенда, пак, вели дека градот го носи името Охрид бидејќи кога самоиловите војници се враќале во родниот крај, изморени и повредени од долгите битки, бавно и тешко го искачувале ридот кој е сместен Стариот дел од градот и извикувале „Ох риде, ох риде“, па така се родило неговото име.
За разлика од старите и убави легенди, името на градот своите корени ги има во старословенските зборови „во хриди“ или „во ридот“, што пак се однесува на неговата местоположба.
Старото име на градот Охрид било Лихнидос, што во превод значи „божја светлина“. Според приказните, ова име градот го добил од протераниот Фениќанец Кадмо кој до создал градот меѓу Потпеш и Канео на брегот на езерото.
Легендата за езерото
Старата легенда за настанот на прекрасното Охридско езеро ја запишал Марко Цепенков, собирачот на македонски приказни. Според овааа легенда, на местото на денешното езеро многу одамна имало само ливади и изворче.
На местото каде денес се простира градот Охрид некогаш имало мало село, а наместо езеро имало прекрасни ливади. Селото немало ни бунар, ни чешма за вода, па селските жени полнеле вода од мало изворче. Останало аманет од стар дедо од тоа село, дека откако ќе наполнат вода, со капак мора да го затворат изворот, оти ако заборават да го затворат водата ќе се излие и сите ќе ги удави.
Мештаните внимателно го следеле советот од дедото, па секогаш го ставале капакот врз изворчето откако ќе ги наполнеле стомните со вода.
Но една ноќ, несреќна ноќ, млада невеста набрзина отишла да наполни вода, па враќајќи се со трчање дома заборавила да го стави капакот.
Цела ноќ од изворот бликала вода, па утрината, кога станале селаните, наместо ливади ги пречекало само вода. Не можејќи да го затворат изворот, водата продолжила да се насобира, па така се родило езерото.
Билјана и вилата Езерка
Нема Македонец кој не ја знае преубавата песна „Билјана платно белеше“ за девојката која го перела платното на бистрата изворска вода. Кога долгото бело чисто платно го оставила да се суши на песокот, поминал караван од винари, па таа нежно ги замолила да внимаваат, да не го изгазат и извалкаат.
Песната за Билјана е дел од македонската култура, но дали ја знаете старата легенда за настанокот на Билјанините извори во Охрид?
фото: Википедија
Легендата која ја раскажуваат охриѓани вели дека во дамнешни времиња со езерото царувала вилата Езерка, која им се лутела на рибарите кои ловеле риби, ги превртувала нивните чамци и уловениот плен го враќала назад во езерската вода.
Езерка била завидлива и осамена, a еден ден на брегот на езерото ја здогледала убавата Билјана, па ја грабнала и ја однела во својот дворец среде езеро. Исплашената Билјана, далеку од своите, цела ноќ плачела, па од нејзините солзи се родиле изворите кои до денес го носат името Билјанини извори.
За да ја спаси од лошата вила, дедото на Билјана, Чун, изградил посебен чамец кој можел да го издржи превртувањето од Езерка и брановите. Од една страна веслале 6-7 луѓе, а само еден крмел. Со тој чамец успеал да ја спаси внука си од дворецот на Езерка. Во чест на дедо Чун, тој вид на чамец го носи неговото име.
Изворот на Црн Дрим
Според едно старо предание, изворите на реката Црн Дрим настанале од солзите на млада девојка.
Легендата вели дека многу одамна, на местото на денешните извори во близина на манастирот Свети Наум постоела чешма. Една девојка дошла да полни вода, но без да забележи, ѝ паднал ѓерданот од бисери. Дури дома забележала дека го изгубила бисерниот ѓердан, па со трчање се вратила на чешмата. Од жал што не го нашла изгубениот ѓердан, таа горко заплакала, а од нејзините очи потекле извори со студена и бистра вода. Се верува дека токму светецот Наум направил водата од овие извори да не се меша со езерската вода, па и по истокот кај Струга, таа да е чиста, бистра и ледена, исто како на изворите во близина на манастирскиот комплекс.
Крст-џамијата во Охрид
Уште една стара и интересна легенда од градот крај езерото, за џамијата со крст, која е симбол за соживот во убавиот Охрид.
Според легендата која со генерации ја раскажуваат охриѓани, порано, за време на Османлиското царство, православните верници сакале да изградат црква, но Турците не дозволувале. Место црква, на тоа место изградиле џамија. Но на крајот, откако го изградиле минарето, тоа се срушило без причина. И така неколкупати - тие го граделе минарето, а тоа се рушело.
На крај, еден мудар старец рекол дека за да престане да се руши минарето, на врвот треба да стават крст бидејќи на тоа место требало црква да има. И така и било - откако ставиле крст, минарето престанало да се руши. Некои велат дека Турците го ваделе крстот и го фрлале во езерото, но следното утро тој повторно бил на старото место, на врвот на џамијата.
За Охрид и неговата околина која плени со природната убавина и смарагдната боја на езерото има уште многу преданија и легенди. Се раскажува дека секогаш кога над градот и околината ќе се надвиснала некоја несреќа, се јавувал духот на светецот, заштитнк на градот, Свети Климент Охридски и го спасувал градот од разурнување, а народот од страдање. Неговите мошти се чуваат во црквата во Плаошник, која гордо се издига над градот и продолжува да го чува.
За Свети Наум пак, се верува дека ако го ставите увото на неговиот гроб во манастирот, ќе го чуете биењето на неговото срце. Манастирот во чест на овој голем светец е заштитник на болните и има лековита вода.
Охрид е град кој го одзема здивот со секој поглед кон езерска шир и гордата Самоилова тврдина, со секое кајче и мала црква скриена некаде меѓу карпите, со сите приказни и деликатеси, стари легенди и природа која маѓепсува со своите бои.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
И. Ј. | Црнобело / фото: И. Ј. | Црнобело