Ана од Кавадарци која беше жртва на Јавна соба испраќа моќна порака: „Ти си важна, ти не си сама!“
- Детали
- вторник, 16 февруари 2021
Откако беа објавени нејзини фотографии со лични податоци и таа беше цел на вознемирување, Ана (28) продолжува гласно да зборува дека ова мора да сопре. „Имаш право на заштита. Да те слушнат и да ти веруваат, да те разберат и да ти помогнат.“
Инстаграм Ана Колева - фото: Мартин Трајановски
Помеѓу многуте жртви на групата „Јавна Соба“ на Телеграм беше и Ана од Кавадарци, 28-годишна девојка која одлучи дека не треба да се затвори дома, да дозволи некоја неморална личност да си ја оствари целта и да ја уништи психички.
За разлика од повеќето жртви, таа одлучи јавно да проговори за своето искуство и со исправена глава да ги охрабри другите девојки кои поминале низ истото да проговорат и да го пријават случајот.
Ана не сопира во својата мисија и на Инстаграм испрати моќна порака:
„Имаш право да живееш како сакаш. Имаш право да знаеш дека не си сама. Имаш право на поддршка. Имаш право на разбирање. Имаш право на заштита.
Да те слушнат и да ти веруваат, да те разберат и да ти помогнат. Затварањето во себе не е решение, молчењето не решава ништо.
Имаш право да ја раскажеш твојата приказна, да помогнеш на себе и така да помогнеш и на другите. Твојата приказна е важна, ТИ си важна ! НЕ СИ САМА !!“
С. С. | Црнобело