Силви бенд пееја за Драган Вучиќ, Дарио ја разигра публиката: Совршено издание на Бела Ноќ 2020 (фото)
- Детали
- недела, 27 септември 2020
Вечерва (26.09) се одржа спектакуларен концерт со македонски евергрини во склоп на 16-тото издание на Бела Ноќ во Скопје. Настапија Влатко Стефановски, Тамара Тодевска, Дарио, Јаков Дренковски, Силви Бенд, Мики Јовановски Џафер, Фиц Студени Нозе, Венко Серафимов, Леа, Дупер, Дани Димитровска во придружба на Баги Биг Бенд.
Организацијата од страна на Град Скопје и Универзална сала беше на ниво со почитување на сите мерки за претпазливост. Се седеше на дистанца, имаше мерење на температура, редари и ограничен број на влезници.
Настанот го отворија дечките од групата Дупер, а најемотивен момент од вечерта беше кога Силви бенд во чест на починатиот Драган Вучиќ ја изведоа песната „Ангели ме носат“, која е негово дело, а потоа неговата „Свирете ја зајди, зајди“ од Олгица Христовска.
Потоа со настапите на Мики Јовановски Џафер, Дарио и Тамара Тодевска ситуацијата кулминираше, а настанот заврши со стоечки овации за легендарниот Влатко Стефановски.
Повеќе од 2 часа уживање во совршена македонска музика, позитивна енергија и потсетување на нашите безвременски музички вредности... На Скопје дефинитивно му беше потребен ваков настан.
Фотки од настанот:
С. С. | Црнобело / Фото: С. С.