Ротари Клуб Скопје Камен Мост продолжува со донацијата на прочистувачи за воздух во градинките на територијата на општина Центар
- Детали
- петок, 22 декември 2017
Во рамките на проектот на Ротари Клуб Скопје Камен Мост за намалување на изложеноста на децата на загаден воздух и отровните честички што истиот ги содржи, донирани се нови 12 уреди за прочистување на воздухот во просториите на градинките „Кочо Рацин – Бели Мугри”, и "Наум Наумовски Борче" во Скопје.
Зголемената загаденост на воздухот во овој период од годината ја наметна потребата за интензивирање на динамиката на донации на прочистувачи на воздух за градинките на територијата на град Скопје. Овие дополнителни 12 прочистувачи ќе овозможат да просториите во коишто нашите најмили ги поминуваат своите детски денови бидат заштитени од ефектите на загадениот воздух.
„Свесноста за проблемот со загадување е значително зголемена, а со тоа и потребата за адресирање на алармантните податоци во однос на последиците од загадувањето, и посебно од "PM" честичките, коишто претставува сериозна закана за сите кои што се изложени на нив, а најмногу децата чии респираторни органи допрва се развиваат. Задоволни сме што нашиот проект за донација на прочистувачи на воздух наиде на сериозен одзив кај институциите и жителите на градот Скопје, па во изминативе недели сме сведоци на голем број на слични вакви донации и набавки на уреди за домашна и јавна употреба. Иако овие донации не го решаваат изворот на загадувањето, тие сепак времено го подобруваат воздухот којшто го дишеме во просториите кадешто се поставени, со надеж дека во меѓувреме ќе се изнајде начин за подолгорочно решение на проблемот. После општината Центар, ние продолжуваме со нашиот проект и во другите Скопски општини, како и во други градови низ Македонија, каде што веруваме дека ќе наидеме на еднакво отворени врати на институциите, и поддршка од стопанските субјекти и одговорните граѓани.“ – изјави Иван Новаковски, претседател на Ротари Клуб Скопје Камен Мост.
Според последните статистики, Скопје е на трето место во Европа на листата на градови со најзагаден воздух во Европа, а во одредени денови во декември беше и прв на листата на најзагадени градови во Светот.
Покрај реализацијата на донациите, следната цел на клубот е дополнително подигање на свеста кај децата од нивна најмала возраст, за проблематиката со загаденоста на воздухот, и можноста за индивидуален и групен придонес во решавањето на проблемот. Клубот има изработено систем за известување на нивото на загаденоста во училишните средини, и прескриптивни мерки коишто наставниците и учениците би ги преземале за време на нивниот престој во училиште, за да ја минимизираат изложеноста на загадениот воздух, во периодите од денот кога се надвор од училницата, и за време на одморите. Донацијата е овозможена од фирмата Екотип, која ги обезбеди 12-те уреди од моделот Blue Air 221 од произведувачот Blue Air од Шведска.
Членовите на Ротари Клубот Скопје – Камен Мост Скопје, како дел од Ротари движењето во Македонија, волонтираат со своето време, енергија и ресурси, со цел да помогнат на тие на кои помошта им е најпотребна. Активностите на клубот се насочени кон најмладите членови на нашата заедница, со посебен фокус на образовниот систем.