Сообраќајни полигони за уште две училишта, донација од ОКТА преку кампањата „Јас внимавам“
- Детали
- петок, 22 декември 2017
Националната кампања „Јас внимавам“ со донација на сообраќајни полигони ги едуцира децата дека треба да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со цел да се зголеми нивната безбедност како учесници во сообраќајот.
Овој пат донацијата е наменета за учениците од две училишта во Општина Аеродром, ОУ Ѓеорѓија Пулевски и ОУ Лазо Ангеловски, кои од иницијаторот на кампањата, компанијата ОКТА, добија едукативни сообраќајни полигони.
Покрај поставување сообраќаен едукативен полигон, пред учениците беше изведена и едукативна театарска претстава преку која се симулираат различни ситуации од сообраќајот, а за понатамошно креативно учење децата добија и тематски боенки. Досега, во склоп на кампањата „Јас внимавам“, ОКТА донираше четиринаесет вакви полигони во основните училишта ширум Македонија.
Кампањата „Јас внимавам“ преку различни активности ги потсетува граѓаните дека треба да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и притоа ја буди свеста за поголема безбедност. Кампањата е подржана од Министерство за внатрешни работи на Република Македонија и има за цел да делува проактивно и едукативно, а со тоа и да придонесе во позначителни резултати во подобрување на сообраќајната култура во земјава.