Партнерство на ЕБОР со Шпаркасе Банка Македонија во финансирање енергетска ефикасност во домаќинствата
- Детали
- вторник, 12 декември 2017
Шпаркасе Банка Македонија е првата банка што се придружува на програмата на ЕБОР за финансирање на енергетската ефикасност во домаќинствата. ЕБОР пласира 2 милиони евра преку Шпаркасе Банка Македонија, средства наменети за инвестиции во енергетска заштеда во домаќинствата.
Овој кредит се одобрува под Програмата за финансирање енергетска ефикасност за Западен Балкан. Програмата е креирана да им помогне на локалните домаќинства, на здруженија за домување и на вршителите на услуги, во преземањето мерки за енергетска ефикасност и реализирање проекти за финансирање на обновливите извори на енергија. Кредитите се пласираат преку локалните финансиски институции и се дополнети со грантови за корисниците кои ги доделува Европската Унија по успешно завршување на проектите за реновирање.
Дополнително, ЕБОР обезбедува и средства за Шпаркасе Банка во износ од 3 милиони евра, кои ќе овозможат долгорочни извори на финансирање за станбено кредитирање.
Анка Јоана Јонеску, претставник на Канцеларијата на ЕБОР во Македонија, изјави: „Ова е првпат ЕБОР да пласира средства за поддршка на кредитирањето на население на македонскиот финансиски пазар. Заедно со Шпаркасе Банка имаме намера да го прошириме кредитирањето во резиденцијалниот сектор, обезбедувајќи средства за станбено кредитирање и за финансирање на енергетската ефикасност во домаќинствата. Се радуваме на соработката со Шпаркасе Банка и ги охрабруваме македонските домаќинства да инвестираат во енергетска ефикасност. Овие инвестиции не само што ќе им заштедат пари, туку ќе ги направат нивните домови поудобни, истовремено зачувувајќи ја животната средина.“
„Иако средствата од овие кредитни линии се наменети за кредитирање на населението преку одобрување наменски кредити за заштеда на енергија и станбени кредити, Шпаркасе Банка ќе ги поддржи и компаниите што произведуваат енергетски ефикасни производи и градат станови. Тоа треба да придонесе и кон повисок економски раст и отворање нови работни места“, изјави Глигор Бишев, претседател на Управниот одбор на Шпаркасе Банка Македонија.
Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје е дел од Шпаркасе и Ерсте Групацијата, која се состои од 47 штедни банки и која бележи речиси 2 века постоење на финансискиот пазар во Р. Австрија. Воедно таа е една од најсилните банкарски групации во Европа, која со својата долгорочна стратешка ориентација кон регионот на Западен Балкан придонесува и Шпаркасе Банка Македонија да претставува доверлив партнер за своите клиенти. Зaедно со другите банки-ќерки во Австрија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Словенија и во Црна Гора, таа е дел од најсеопфатните банкарски мрежи во регионот - Штаермеркише Шпаркасе Групацијата, која со својата билансна сума од 14 милијарди евра, 6.400 вработени и 500 експозитури и регионални центри опслужува околу 2,5 милиони клиенти во овие земји од регионот на Југоисточна Европа. ЕБОР е главниот институционален инвеститор во Македонија и до денес има инвестирано повеќе од 1,6 милијарди евра во над 100 проекти во земјата.