Како да дознаете колкава е вашата пензиска заштеда?
- Детали
- среда, 06 декември 2017
Колкава пензија ќе имам кога ќе се пензионирам, е едно од најчестите прашања што си го поставуваат луѓето за време на нивниот работен век. Се разбира, точен одговор на ова прашање не може да им даде никој сѐ додека не се пензионираат. До тогаш, пензиските осигуреници кои членуваат во вториот и во третиот пензиски столб може постојано да имаат увид колкава е нивната пензиска заштеда на индивидуалните сметки во пензиските друштва.
Со средствата во пензиските фондови од вториот и третиот столб управуваат приватните пензиски друштва НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје и КБ Прво пензиско друштво АД Скопје. Тие на своите членови еднаш годишно до 31 март за претходната година, им доставуваат извештаи преку кои детално ги информираат за нивните пензиски заштеди. Овие извештаи на корисниците им ги доставуваат во карактеристичен зелен плик, а во нив се содржани информации за износот на акумулираните средства на осигуреникот на индивидуалната сметка и други важни информации за уравувањето со нивните пензиски заштеди. Членовите на пензиските фондови кои имаат електронска адреса можат да изберат своите извештаи да ги добиваат по електронски пат, на имејл и на тој начин да придонесат за зачувување на животната средина.
Акумулираната заштеда се зголемува со тек на време благодарение на приносите остварени со вложувања на средствата на пензиските фондови од страна на Друштвата во државни хартии од вредност, банкарски депозити, акции на најреномирани домашни и странски акционерски компании и инвестициски фондови, како на пример во NESTLE AG, SIEMENS AG, ALPHABET INC, AMAZON INC, APPLE INC, MICROSOFT CORP, АЛКАЛОИД АД СКОПЈЕ и други.
Освен преку годишните извештаи, осигурениците во секој момент може да ја проверат состојбата на нивните пензиски заштеди електронски, преку интернет страницата на пензиското Друштво. Тоа се прави преку корисничкото име што го добива секој член на Друштвото и лозинка за пристап. Сепак, за да може навремено да ги информираат членовите за состојбите на нивните сметки, Друштвата треба да имаат точни податоци за секој член. Затоа, доколку осигурениците имаат промена во личните податоци, треба да се обратат во Друштвото кое управува со пензискиот фонд во кој членуваат и да побараат ажурирање на нивните податоци.
Повеќе информации за пензискиот систем во Македонија може да се најдат на страницата www.penzija.mk, како и на страниците на пензиските друштва www.nlbnpf.mk и www.kbprvo.com.mk . Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) www.mapas.mk. (тел. 02 3224 229).