Јас внимавам на ОКТА наградена со Национална награда за општествено одговорна кампања
- Детали
- среда, 15 ноември 2017
(Скопје, 15.11.2017) – За најдобра национална општествено одговорна практика во категоријата вложување во заедницата кај големите компании е прогласена кампањата на ОКТА, Јас внимавам. Кампањата за подигнување на јавната свест за потребата од поголема безбедност во сообраќајот е издвоена како најефектна и сеопфатна во однос на проблематиката што ја третира.
„За мене претставува голема чест можноста денеска да ја примам оваа награда во име на ОКТА АД - Скопје. Особено сме благодарни на поддршката која ја добивме од страна на Министерството за внатрешни работи и на нивната доверба во спроведувањето на оваа кампања заедно. Јас Внимавам е создадена по завршувањето на нашата претходна кампања Шанса за живот, која беше посветена на подобрување на условите на Интензивниот оддел на Клиниката за детски болести. Јас внимавам има за цел да ги направи нашите патишта и улици побезбедни, потсетувајќи ги возачите за очигледните ситуации, да не возат под дејство на алкохол, да користат безбедносен појас, мотоциклистите да користат заштитен шлем и секако да се внимава на пешаците. Оваа кампања ја доби и поддршката од повеќе познати личности, како и медиуми за што ја изразуваме нашата огромна благодарност до сите. Наградата им припаѓа на сите наши следбеници и поддржувачи кои активно се вклучија и ги шират пораките што ги испраќаме. Ако успеавме да спречиме барем една несреќа, вредеше цела оваа наша заложба“, изјави Јанис Героуланос, Главен извршен директор на ОКТА.
Кампањата Јас внимавам за подигање на свеста за безбедност во сообраќајот, создадена од компанијата ОКТА, а во партнерството од Министерството за внатрешни работи, се одвива од почетокот на годината и секој месец третира различен проблем во сообраќајот. Конципирана е и изградена да комуницира на повеќе нивоа, да ги опфати сите групи учесници во сообраќајот и пораките да стигнат до што поголем број граѓани. На иновативен начин со помош на голем број јавни личности врши осврт на најчесто прекршуваните сообраќајни правила и прописи, кои воедно се најчестите причинители на сообраќајни незгоди, а со тоа цели секојдневно да ги подобри состојбите на патиштата. Преку своите активности врши едукација и на најмладите учесници во сообраќајот, преку тематска театарска претстава, боенки за основните сообраќајни правила, а досега има донирано десет сообраќајни едукативни полигони во повеќе основни училишта низ државата. Кампањата Јас Внимавам секој месец ги изненадува и најсовесните возачи со вредносни ваучери за гориво од компанијата ОКТА. Сето тоа придонесува кампањата Јас внимавам да има долготрајни ефекти и исполнување на својата примарна цел, односно подобрување на сообраќајната култура во земјава.
Јас внимавам беше издвоена во конкуренција од 15 големи компании со вкупно 24 проекти. Манифестацијата Национална награда за најдобри општествено одговорни практики на македонските претпријатија е во организација на Координативното тело за општествена одговорност на претпријатијата и Министерството за економија на Република Македонија. На годинешното, 10-тото јубилејно доделување на наградите во различни категории на општествена одговорност, свои пријави за наградата доставија 25 македонски претпријатија со вкупно 34 проекти, од кои 10 мали и средни претпријатија со 10 проекти и 15 големи претпријатија со 24 проекти.