Светозар Цветковиќ: Македонската ТВ серија Инсајдер беше комплетно ново искуство и голема школа
- Детали
- понеделник, 30 октомври 2017
Во улога на сопственик на Инсајдер се јавува на нашата јавност добро познатиот српски актер и продуцент - Светозар Цветковиќ.
Светозар е прекален глумец со големо театарско искуство, но и улоги во повеќе од 60 филмови и серии. Сепак, дури и за така искусен актер, Светозар вели дека Инсајдер било едно комплетно ново искуство и голема школа.
Светозар Цветковиќ со нас отворено зборуваше за тоа како го доживеал снимањето, како е повторно да се работи во Македонија и за неговиот лик Лазар.
Инсајдер: После колку време доаѓате повторно службено во Македонија?
СЦ: За тоа што е поврзано со продукција има сигурно повеќе од 20 години, иако редовно доаѓав играјќи претстави со својот театар кој што го водев и во кој играв. Нема да поминат повеќе од година-две, а да не дојдам поради некоја причина во Македонија. Што се однесува до филмска продукција прв пат бев пред 30 години, па после тоа пред 20 години и на крај работев еден проект кој што ми е многу значаен, а e поврзан со Македонија, тоа е „Соба со пијано“ кој што беше пред отприлика 5 години.
Инсајдер: Колку се гледа некој напредок? Дали има некоја промена во однос на како било порано, а како е сега?
СЦ: Мислам дека промените се повеќе физички отколку што се променило нешто од внатре. Физички секако врзани се за градот, за луѓето, но тоа што не се менува е тој некој дух. Тоа е некоја непроменлива и добра константа. Работите не треба да останат само статус кво и да не се менуваат. Треба да се менува, но прашање е дали тоа што се менува се менува на подобро или на полошо. Јас мислам дека работите секаде се менуваат на полошо. Зошто постои носталгија? Постои носталгија затоа што секогаш мислиме дека времето што било е подобро од тоа сега, а секогаш мислиме дека времето кое што ќе дојде ќе биде подобро од тоа сега. Кога тоа не е така секогаш се сеќавате на минатото со некоја носталгија. Јас сум во оваа професија 40 години, а најубавите работи на кои се сеќавам се тие кога прв пат дојдов пред сега веќе 31 година. Тогаш прв пат работев на еден толку значаен проект кој постигна голем успех. Тој успех на проектот, филмот „Среќна нова ‘49“ на Стале Попов, е нешто што секогаш ме враќаше овде, тоа по што луѓето овде ме препознаваа и што им е драго што сум дел од една позитивна историја на македонската кинематографија.
Инсајдер: Дали сметате дека работите кои се работеле во склоп на Југославија во филмската индустрија и продукцијата биле подобри од сега?
СЦ: Апсолутно. Што се однесува до продукцијата сигурно било многу подобро. Мислам дека пред сѐ имавме голем пазар. На тој пазар можевте да работите каде сакате и на јазик на кој сакате. Иако македонскиот и словенечкиот јазик се разликуваат доста од српскиот, јас навистина сакав да играм на тие јазици затоа што секој јазик ви дава можност за поинакво актерско изразување. Ниту една улога, па ниту оваа, не би ја играл исто да ја играв на српски јазик. Истото важи и за Словенија. Таму играв 3 години во театар и во 3 играни филма. Јазиците се нешто што е дел од тоа некое актерско битие и умешност. Тие за нас беа привилегија. Тие различни народи и култури кои што живееја, и сѐ уште живеат на истиот простор, но денес со граници помеѓу нив и нивниот пазар беше за нас привилегија. Ние од еден пазар од 22 милиони луѓе се намаливме во Србија на 6,5 милиони, а да не зборуваме за Македонија. Жал ми е бидејќи Македонија има доста добра актерска школа, глумците се навистина добро потковани и тие беа на цена на тој голем пазар. Постарите глумци и ден денес ги препознаваат во Србија, Хрватска итн. Мене ми е жал што оваа плејада на глумци со кои што сега играм никој не ги препознава надвор од оваа територија, бидејќи луѓето немаат можност да ги видат и запознаат. Мислам дека тоа е голема штета.
Инсајдер: Дали сметате дека тие граници ѝ штетат на креативноста која постоела поради големиот број на соработки помеѓу Хрвати, Македонци, Срби итн. кои се раѓаа поради тие различности?
СЦ: Да се разбереме, јас не сум тоа што денес пејоративно се нарекува Југоносталгичар. Воопшто не зборувам за тоа. Таа убавина на различности е нешто што ја красеше оваа средина најмногу. Мислам на целиот Балкан, и Албанија и Бугарија и Романија. Тоа е се некако различно, но ние живеевме во една заедница која што некој ја направи, но таа фиктивна вредност на заедницата не беше само фиктивна. Таа со текот на времето за нас стана реална. И ден денес кога работам на различни места, јас живеам и комуницирам со луѓе кои што добро комуницираат со мене. Сите ние навистина добро се разбираме во тие наши различности кои што се убави и во кои треба да го бараме бенефитот, а не штетата. За жал кај нас штета извлече повеќе корист и тоа инсистирање дека сме подобри од другите нас не доведе да сме таму каде што сме сега.
Инсајдер: Да се осврнеме малку и на серијата. Кои се вашите импресии од престојот тука, од целото снимање?
СЦ: Знаете, никогаш во животот не можете да кажете дека сѐ знаете и дека ништо друго во животот не можете да научите. Така животот сурово ве учи дека искуството не секогаш е пресудно и секогаш ве изненадува. Јас на 39 години станав директор на театарот „Атеље 212“ и сметав дека доста знам за театарот и дека би можел тоа да го правам. После само 3 дена на тоа место сфатив дека не знам ништо и дека тек треба да научам. Тоа го учев 12 години, колку што ја работев таа работа. Па така и ова искуство – ако некој ве викне да снимите некоја серија како оваа овде, не било која, во која некој вложува доста средства и прави вака една добра екипа, и ве става пред една чудна и целосно непозната за вас околност. Тоа е дека се работи во некои воени услови. Кога кажувам воени услови, тоа е некој временски притисок кој постои, а за кој ја немав чуено. Тоа е снимањето на една епизода дневно. Тоа е нешто што е продукциски исклучително кај нас и нешто на што ретко кој би се нафатил на нашите простори, иако Американците го прават веќе 10-15 години. Тоа искуство, секој ден да влегувате во нешто целосно ново и да немате доволно време себе да си го наместите просторот. Да морате сите цело време да гледате на часовникот. Комплетно нови околности и услови на кои моравме сите да се навикнеме. Тоа за мене е едно ново искуство и нешто што во овие месец дена го научив.
Инсајдер: Дали ви беше доволен предизвик?
СЦ: Во оваа професија секогаш се ставате сам себе пред некој тест. Ако вие одиграте 10 улоги или 10 добри филмови првиот лош кој ве следи се брои, а тие 10 пред тоа не. Секогаш ќе го зборуваат тоа за вас, тоа што не излегло како што треба. Тоа е голема провокација и во добра мера ве мачи. Секако надвор од сцената. Кога сум на сцената сум добар, но кога сум надвор од неа размислувам што треба да се направи и се стремам да бидам што подобар и да им парирам на луѓето овде кои се на свој терен.
Инсајдер: Вашиот лик се вика Лазар. Колку сте вие слични со Лазар и колку од вас можеме да видиме на сцената?
СЦ: Кога го читате синопсисот, овој лик можете лесно да го ставите на страната на негативците. Некој кој што е сопственик, кој што располага со големи пари за кои не се знае од каде се, па се вмешува и неговиот син, матните работи кои ги прави при продажбата на својата фирма. Таа фирма е пред распаѓање, ја продава за големи пари, па останува да ја води итн. Тоа е една симплифицирана приказна за некој кој што на овие простори се нарекува „тајкун“. Инаку Лазар и јас можеби најмногу си личиме физички. Тоа што најмногу се разликуваме, се размислувањата за тоа како треба да се води една работа и на кој начин. И затоа тоа секогаш е еден вид на провокација за нас глумците. Знаете, велат дека е многу поблагодарно да се глумат негативни ликови. Јас не се согласувам со тоа од проста причина што ако играв позитивен лик тогаш и публиката некако би била на моја страна, но како некој што е негативец вие морате да се потрудите да го одбраните тој лик. Треба да го држите од внатре, да му наоѓате оправдувања зошто е таков, дека не е злобен и дека не се работи за зло во човекот туку за еден порив кој е материјален.
Инсајдер: Серијата опфаќа разни теми. Секоја епизода се работи за нешто ново, но главно се работи за општествено-социјалните проблеми со кои се соочува Македонија како притисоци врз медиумите итн. Колку е ситуацијата во Србија таква?
СЦ: Иста. Тука нема разлики. Тоа е една психологија, еден простор и сето тоа е многу блиску. Колку и да не ја познавав директно ситуацијата овде, додека го читав сценариото веднаш ми стана јасно дека тоа може да се рефлектира и во другите средини каде што колку толку се разбира овој јазик кој што го говориме.
Инсајдер: За крај едно лично прашање. Кој е ваш извор на инспирација, среќа, што ве мотивира? Кое е за вас најголемо задоволство во животот?
СЦ: Во животот? Тоа би бил многу широк одговор за да собере се. Не би сакал да звучи премногу препознатливо, но тоа е овој момент сега. Јас низ тоа што сум работел, живеел и проживеал и се што поминало позади мене, ако ме прашате кој е најдобар момент, јас би рекол овој сега. Исто така знам дека утре ќе биде уште подобар момент и дека тој ќе биде најдобар момент. Тоа ми е некој мотив за тоа што следува утре како и на професионално, така и на приватно поле.