Организации за заштита на околината, каде сте?
- Детали
- среда, 18 октомври 2017
Речиси сите медиуми веќе со години пренесуваат дека Македонија е и официјално една од најзагадените земји во Европа. Урбаните средини во Македонија имаат најголема концентрација на штетни честички по метар кубен како резултат на конвенционалните начини на греење, издувните гасови од фабриките и од возилата, индустрискиот отпад, деградацијата на зелените површини, несоодветниот третман на депониите и многу други влијанија што произлегуваат од навиките и однесувањето на граѓаните.
Читајќи ги запрепастувачките статистики за загадувањето, граѓаните се вознемируваат, пишуваат и критикуваат на социјалните медиуми, организациите за заштита на околината меѓусебно комуницираат и евентуално ќе пуштат апел или соопштение за јавност до медиумите, но сето тоа заедно не придонесува до големи и значајни промени.
Свесни за актуелната ситуација со загадувањето, Пакомак иницираше проект за поттикнување и развој на свеста за тоа што предизвикуваме со своето неодговорно и непромислено однесување. На Фејсбук Фан страната на Пакомак сите граѓани веќе извесно време испраќаат фотографии од својата општина што укажуваат на загадувањето и негрижата за животната средина, што ќе претставува аларм за превземање на итни мерки за чистење и ремедиција на таа површина.
По собраните фотографии, паркот во Скопје Север беше оценет како најзагрозен, средина во која жителите ги носат своите дечиња, а и постарите граѓани го минуваат своето време со соседите и пријателите, место преплавено со амбалажен отпад што зборува за негрижа, лоши навики и ниска свест за потребите на животната средина.
Минатата сабота десетина ентузијасти заедно со вработените во Пакомак го чистеа паркот во кој за 4 часа собраа над 4 метри кубни амбалажен отпад. За жал, ниту една од уредно поканетите граѓански организации регистрирани за заштита на животната средина, здруженија и Фејсбук групи, иако го потврдија своето присуство - не се појавија на оваа волонтерска акција.
„Секако дека слабиот одзив на граѓаните што живеат во овој дел од градот, како и нула-одзивот на граѓански организации за заштита на животната средина не може да нè задоволи. Во борбата што претстои со загрозувањето на нашиот опстанок, најважно е да се стави акцент на однесувањето на поединците како суштества што се свесни за средината и опкружувањето во кое живеат. Потребно е поголемо разбирање за значењето на големината на растечката опасност“ - изјави Ико Брдароски, Менаџер за грижа на корисници во Пакомак.
Проектот „Селектирај иднина!“ е замислен како платформа која ќе изгради силно партнерство и ефективна долгорочна соработка помеѓу граѓаните, телата на локалната самоуправа и организациите и здруженијата на граѓанското општество што се вклучени во заштитата на животната средина и на природата.
Специфични цели на овој проект се да се идентификуваат проектни партнери за активно учество во решавањето на проблемите со животната средина, да се промовира меѓусебна соработка, да се едуцираат граѓаните за можностите за активно учество во заштитата на животната средина и природата, што ќе придонесе за решавање на конкретни прашања од оваа област.
„Секој би требало да има на ум дека со заштитата на животната средина - се штитиме себеси. Кога ќе ја достигнеме свеста дека е неопходно да ја чуваме околината во која живееме, парковите, игралиштата, излетничките места, шумите, езерата и живиот свет, ќе сфатиме дека само така го зачувуваме сопственото здравје“ - додава Брдароски.
Овој проект перспективно ќе укаже на фактот дека човечкото опкружување во кое тој работи и го менува, не е прост збир на компоненти, туку единствен глобален систем во кој сите компоненти се во взаемна хармонија.
„Нашите различни начини на поврзаност со животната средина мора да развиваат естетски и морални чувства дека доживувањето на животната средина ги оплеменува нашите мисли и нашето однесување. Изворната, недеградирана и добро зачувана животна средина има значење не само за физичкото, туку и за менталното здравје на граѓаните, особено за оние што живеат во урбани средини“ - завршува Брдароски.
Како да се убедат организациите што работат на заштитата на животната средина да делуваат попосветено? Како да се убедат граѓаните дека фрлањето отпад вон местото што е одредено за таа намена е штетно за сите нас? Многу брзо ќе мора да се обезбеди поволно единство за околината во која сите живееме, а гаранција за успехот во заштитата и унапредувањето - се гледа само во тоа единство.