Проектот „Рециклирање?! - КАЖИ ДА!“ по петти пат ги додели наградите за најдобрите училишта
- Детали
- петок, 22 септември 2017
Учениците од сите основни училишта во осум скопски општини, веќе петта година по ред преку проектот „Рециклирање?! - КАЖИ ДА!“ по иницијатива на Пакомак - Друштво за управување со пакување и отпад од пакување и Шпаркасе Банка, имаат можност да учат за бенефитите од селектирањето и рециклирањето на амбалажниот отпад, но и во поширока смисла да осознаваат за волонтерската работа која развива свесност за општествените проблеми, поттикнува заедништво и активизам, соработка и изнаоѓање на соодветни решенија.
Со својот интерактивен пристап, овој проект наиде на добар одзив кај учениците, но и кај наставниот кадар, бидејќи освен основната цел - воспоставување на единствен систем за собирање на амбалажа од пластика, поттикнува дискусии и извлекување на заклучоци, охрабрува тимска работа и преземање активности за општо добро. Резултатите од овој проект се видливи и на „теренот“, во околината на училиштата, во дворовите и игралиштата, каде скоро и да не можете да најдете фрлени пластични шишиња.
Оваа година, учениците од основните училишта во Карпош, Центар, Гази Баба, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Аеродром, Чаир и Бутел собраа над 32 тона амбалажа од пластика или над 1.200.000 пластични шишиња, од кои 16%, односно 200.000 пластични шишиња собраа учениците од О.У. „Браќа Миладиновци“ од Аеродром, што им го донесе првото место. Другите наградени училишта се: О.У. „Аврам Писевски“, О.У. „Кузман Шапкарев“, О.У. „Крум Тошев“, О.У. „Димитар Поп-Ѓеорѓиев Беровски, О.У. „Јохан Хајнрих Песталоци“, О.У. „Климент Охридски“ и О.У. „Тефејуз“.
На настанот за доделување на награди беа присутни претставници од наградените училишта, многу ученици, наставници и други поединци од страна на инволвираните субјекти и иницијатори и поддржувачи на овој проект.
„Проблемот на управување со амбалажен отпад е навистина огромен, а ние во соработка со локалните општини одлучивме да ги стимулираме учениците да работат на овој проект, што после неколку години и собрани над 170 тона амбалажен отпад од пластика, се покажа како добар рецепт“ - изјави Ико Брдароски, Менаџер за грижа на корисници во Пакомак.
Пакомак години наназад промовира најразлични аспекти за развој на потенцијалите на учениците, идентификација и евалуација на тие аспекти за што поголема инволвираност во општествено-одговорните активности што носат бенефит за сите.
„Им честитам на сите наградени училишта и на сите што придонесоа кон оваа огромна количина на отпад што ќе заврши на рециклирање. Ги охрабрувам сите ученици и во иднина посветено и детерминирано да работат на тоа да ги „ослободат“ парковите, игралиштата и лулашките од пластични шишиња и да ги донесат на училиште. Да живееме сите во малку почиста и попристојна животна средина“ - додаде Брдароски.
Г-ѓа. Тодорка Сајкова, маркетинг директор во Шпаркасе Банка, изјави:
„Големо задоволство е да соработуваме на проекти кои се инспирација за децата, особено што нивниот вложен труд вродува со плод и ги надминува очекувањата секоја година. Шпаркасе Банка Македонија и оваа година активно ја поддржа иницијативата на Пакомак за рециклирање отпад и одржување чиста и здрава средина за живеење. Не радува тоа што голем број на ученици и наставници се вклучија и оваа година во нашата заедничка акција, а со тоа дадоа пример за тоа што значи грижа за природата и општото добро. Како општествено одговорна банка постојано сме во потрага по нови проекти во кои можеме активно да се вклучиме и да дадеме свој придонес во подигање на свеста за бенефитите од рециклирањето. Навистина е убаво да се почувствува енергијата и ентузијазмот на децата , кои уште од рана возраст целосно се вложија во акцијата за собирање на пластични шишиња. Ја продолжуваме соработката со Пакомак и во иднина и се надеваме на уште поголем заеднички успех во проектите кои следуваат!“
Шпаркасе Банка Македонија преку својата Sparkasse Life платформа се залага за подигнување на нивото и свесноста за здрав живот во различни области, често со поддршка на проекти кои значат подобрување на животната средина. Општествената одговорност е една од позначајните стратешки определби на Шпаркасе Банка, со која таа допринесува кон развој на заедницата во повеќе сегменти. Основната цел на Sparkasse Life е да инспирира што поголем број луѓе и институции да дадат свој личен придонес преку активно вклучување во различни проекти кои се од големо општествено значење и се за општо добро.
Пакомак континуирано ги охрабрува учениците и наставниците во напорот за обезбедување на подобро разбирање на потребите на животната средина и справувањето со предизвиците на модерното живеење, иницирајќи проекти што промовираат позитивни практики и афирмираат вредности што се во најдобар интерес на заедницата.