АКУД „Мирче Ацев” се врати од Германија со 5 освоени награди
- Детали
- среда, 31 мај 2017
АКУД „Мирче Ацев” се врати од Германија со пет освоени награди од пет пријавени категории. Имено, Академскиот хор, Ансамблот за народни ора и песни и Народниот оркестар при АКУД „Мирче Ацев”, со поддршка од Министерството за култура, беа учесници на меѓународниот фестивал „Хармонија”, кој се одржува на секои шест години во гратчето Линденхолцхаузен – Лимбург.
Академскиот хор се натпреваруваше во три категории: мешани камерни хорови со обврзна композиција, фолклорни песни и фолклорни хорови (со придружба од Народниот оркестар ); Ансамблот за народни ора и песни во својата категорија на игроорни ансамбли и Народниот оркестар во својата категорија на оркестри.
Ансамблот за народни ора и песни ја освои сребрената награда, а исто така и Народниот оркестар ја освои сребрената награда.
Овие награди се мошне значајни поради фактот што на фестивалот „Хармонија” оваа година учествуваа 218 хорови и фолклорни ансамбли од целиот свет, со околу 3000 учесници.
Фестивалот се одржа под покровителство на канцеларката на Германија, д-р Ангела Меркел.
По завршувањето на официјалниот дел на фестивалот, ансамблите на АКУД „Мирче Ацев” изведоа заеднички концерт со домаќините каде што беа сместени членовите во малите гратчиња Швабенхеим и Ворштад.
Диригентот и членовите на хоровите домаќини рекоа дека имале сензационален концерт со сите ансамбли на „Мирче Ацев” и дека се горди што ги имале како гости на концертот во Ворштад.