Интервју: Кога образованието овозможува успешен професионален спој на две различни професии
- Детали
- вторник, 02 мај 2017
Емилија Попоска Кардалева основач на Bron.Tech и дипломец на Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд
Уште од средношколските денови кога првпат се запозна со кодирањето и програмирањето, Емилија Попоска Кардалева ја избра својата идна професија и преокупација. Истата ја усоврши и надградуваше низ универзитетското образование. Но, моментот кога личните амбиции излегоа од рамката на создавање кодови за нечии други потреби, беше пресуден за следниот кариерен скок. Стартувањето сопствена софтверска фирма бараше дополнување и надминување на веќе експертските познавања за кодирањето и влегувањето во една поинаква конотација на дневни обврски. Само оние што го читаат кодот знаат колку е тешко и различно да се преведе кодот во бизнис јазик и да се продаде идеја, производ, услуга. Најстратешкото и клучното решение за извонредниот престиж на Емилија беше запишувањето на Магистерски студии во бизнис администрација за извршни позиции, на Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд, Сити Колеџ. Денес како основач и директор на сопствена софтверска компанија, живее и работи на релација Австралија – САД, размислува за софтверот од бизнис перспектива, анализира како луѓето го користат софтверот, што сакаат, а што не, и како нејзината компанија Bron.Tech може да им помогне.
Каков беше трансферот од софтверски експерт во менаџер на компанијата за софтвер?
За мене трансферот дојде природно. Иако уште од дете обожавав математика и програмирање, кога почнав да работам како програмер сфатив дека не се пронаоѓам себе си во таа работа. Едноставно ме интересираат многу други работи надвор од кодот. Сакам да бидам вклучена во поставување стратегии, да комуницирам со клиентите, да најдам начин како решенија на одредени проблеми може да се пресликаат во код, но не сакав да работам само една работа. Може да се каже дека сум генералист и менаџирањето на мала компанија е идеалната работа за мене. Иако на специјализацијата во одредена вештина особено техничка вештина (hard skill) во техничките струки секогаш се гледа позитивно, за менаџмент е потребен друг сет способности (soft skills), како комуникација со луѓе, емотивна интелигенција и високо ниво организираност, а тоа беа моите јаки страни така што одлучив да најдам работа каде што ќе можам истите да ги искористам. Мислам дека постои совршена синергија меѓу мојата техничка позадина од една страна и комуникациските способности од друга што ме подготвија за оваа работа.
Што ви овозможија Магистерските студии во бизнис администрација за извршни позиции, на Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд, Сити Колеџ, што веќе не знаевте?
Додипломските и пост-димпломските студии ги завршив на Факултетот за електротехника и информатички технологии, кои ми дадоа одлична основа да бидам добар софтверски инженер, но немав скоро никаква подготвка за бизнис аспектот од мојата моментална работа. ЕМБА програмата многу ми помогна да изградам солиден бизнис вокабулар, да се запознаам со алатките кои се користат за стратегија, паланирање и одредување на идеалната цена за нашите продукти. Едноставно по две години од програмата можам да се снајдам во секоја ситуација со инвеститорите и другите чинители, да звучам поелоквентно и да го зборувам бизнис јазикот. Исто така, многу ми помогна тоа што научив да ги читам финансиските документи на компанијата и до одреден степен да планирам како да ги организирам приходите и трошоците да бидат во бенефит на компанијата.
Колку знаењата стекнати на Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд, Сити Колеџ се апликативни на сосема друга, далечна и различна средина и концепт на размислување?
Менталитетот на луѓето и структурата на пазарот на трите континенти кои ги таргетираме е различен, но сепак знаењето кое го стекнав преку ЕМБА програмата е подеднакво апликативно секаде. Често одам на настани и конференции за да го доусовршам бизнис знаењето и можам со сигурност да кажам дека основата стекната на Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд, Сити Колеџ е одлична и споредлива со други слични програми од топ рангираните универзитети во светот.
Од сегашна перспектива што би направиле различно во Вашата кариера и образованието. Дали би смениле нешто?
Искрено не би сменила ништо. Сè што сум направила до сега на некој начин ме донело до тоа што го работам денес, а сум многу среќна и задоволна од ова каде сум во моментов.