Доделени наградите на 10. ИТФ „Лица без маски“
- Детали
- четврток, 13 април 2017
Претставата „ДА ГО ПОЗДРАВИШ И ДА МИ ГО БАЦИШ“, на независниот театар „АРТОПИЈА“, а во режија на Билјана Радиноска е добитник на ГРАНД ПРИ наградата за најдобра претстава во целина, на 10. Јубилејно издание на Интернационалниот театарски фестивал „ЛИЦА БЕЗ МАСКИ“ 2017.
Жири комисијата во состав: Трајче Георгиев, актер, Деан Дајмановски, режисер и Тони Димков, новинар и театарски критичар, во образложението за наградата велат:
- ГРАНД ПРИ наградата се доделува на претставата „ДА МИ ГО ПОЗДРАВИШ И ДА МИ ГО БАЦИШ“, заради фактот што комплетната екипа своето лично доживување на реалноста на моементот кој го живеат, храбро, елоквентно и емоционално го изнесува пред публиката во театарска форма која граничи со еден вид лична исповед, стои во образложението на жири комисијата.
Наградата за најдобра режија на јубилјеното издание на фестивалот и` беше доделена на Софија Ристевска, за претставата „СКРЕШЕНАТА СТОМНА“, во изведба на „ИНТИМЕН ТЕАТАР“ од Битола.
- Наградата за најдобра режија се доделува на Софија Ристевска, заради автентичниот пристап во разработувањето на актуелни општествени теми и нивно артикулирање преку средствата на театарот, вели жири комисијата.
Третата награда за најдобро актерско остварување, отиде во рацете на актерскиот колектив од претставата „ФАРМАТА“, во режија на Паоло Алесандри, а во изведба на театарот „СОФИЈА АМЕНДОЛЕА“, од Рим, Итлија.
- Наградата за актерско остварување се доделува на колективот од претставата „ФАРМАТА“, заради исклучителна уиграност, прецизност и употреба на широк дијапазон на актерски средства, потенцираше жири комисијата.
Според нив, годинешната програма од десеттото јубилејно издание на фестивалот „ЛИЦА БЕЗ МАСКИ“, понуди одлична селекција базирана на концептуалниот и ангажиран театар, претстави кои ги разоткриваа демагогиите, нивно соголување и борба на театарскиот свет против нив.