Македонска вечер на 10. ИТФ „Лица без маски“
- Детали
- понеделник, 10 април 2017
Третиот фестивалски ден од 10. Јубилејно издание на ИТФ „ЛИЦА БЕЗ МАСКИ“, е посветено на македонската независна продукција.
Во 20 часот, во Театар Комедија ќе биде изведена комедијата „ПРВО ЌЕ МЕ ЗЕМЕШ, ПОСЛЕ ЌЕ МЕ...“ на независниот Театар „Крик“, а во режија на Ѓорѓи Ризески. Претставата изобилува со комични и непредвидливи ситуации, во кои публиката одлучува за текот на настаните и судбината на двајцата главни ликови.
Веднаш потоа, на „Малата сцена“ при К.Ц. „Александар Македонски“, Универзална сала-Скопје, со почеток од 22 часот, ќе гостува независниот „ИНТИМЕН театар“ од Битола, со претставата „СКРШЕНАТА СТОМНА“, во режија на Софија Ристевска.
„Скршената стомна“ е расказ за изгубениот и заблудениот човек што нема капацитет да се бори, а секогаш го избира патот на финансискиот прогрес. Со помош на огромната индустрија, таканаречена „пластична хирургија“, надворешноста се доведува до перфекција, а душевноста затапува и го губи својот фокус. Оттука и идејата дека по улиците шетаат полумртви кукли, жртви на чудовишниот капитализам, што пополека се прекршуваат и ја губат својата животна рамнотежа.
Билетите се во продажба на касата на Универзална сала и Театар Комедија-Скопје.