Со „3Д Екобус“ до подобра заштита на животната средина
- Детали
- вторник, 21 март 2017
Речиси секој што се занимава со проблемот на заштита на животната средина, редовно се соочува и со проблемот на развој на свеста за животната средина и во тој контекст од сите прашања и предизвици што се наметнуваат, најважен е оној што се однесува на едукација и развој на еколошката свест.
Затоа се верува дека најмладите генерации се најдобрите промотори на позитивни еколошки пораки во нивната непосредна и поширока околина.
Со проектот „3Д Екобус“ на Пакомак учениците преку забава, добро обработен материјал примерен за возраста на децата, како и преку точни и потполни информации формираат навики за секојдневно правилно однесување со амбалажниот отпад и заштитата на животната средина, развивајќи можности за идентификација на прашања и теми што бараат проактивност, креираат лична посветеност и создаваат одговорност врзана за еколошките предизвици во локалната средина.
„Оваа нова визија за образование ќе им помогне на децата подобро да го разберат светот во кој живеат.
Оваа едукација поддржува сеопфатен, интердисциплинарен пристап, развој на знаења и вештини што се потребни за одржлива иднина, како и промени во вредностите, однесувањето и начинот на живот.
Тоа е причината зошто сакаме што повеќе ученици да едуцираме и поттикнеме да ни се придружат на
патот кон поздрав и подобар живот на планетата“ - изјави Ико Брдароски, менаџер за грижа на корисници во Пакомак.
Проектот „3Д Екобус“ доби национална награда за најдобри општествено одговорни практики во категоријата „Заштита на животната средина“ во 2015 година, а долнително е идентификуван како позитивен пример и од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и од Јапонската влада, со чија поддршка, покрај Куманово, продолжува со имплементација во основните училишта во Гевгелија.
"За да се овозможи одржлив развој во поглед на животната средина, потребен е ангажман на целото општество, на секој поединец и затоа сметаме дека е многу важно учениците да се едуцираат за проблемите и предизвиците на околината уште во текот на образовниот процес. Идентификувајќи ја потребата за креирање на одржливи решенија за почиста животна средина Програмата за развој на Обединетите нации преку донација од Владата на Јапонија и во директна соработка со Пакомак, се вклучуваат кон овој општествено корисен проект со цел да им помогнеме на идните генерации да работат попосветено на заштита на животната средина“ - изјави Дејан Докузовски, проект менаџер во канцеларијата на УНДП.
Проектот „3Д Екобус“ ги поттикнува децата да научат да превземаат мали, но важни еколошки практики, кои кога ќе се повторуваат секој ден, даваат големи резултати, но и даги мотивира наставниците да го вклучат еколошкото образование во сите релевантни предмети во формалното основно образование, а со тоа заедно да придонесат кон глобален просперитет. А ако каде било е потребна хармонија помеѓу зборовите и делата тогаш тоа е сигурно во областа на заштитата на животната средина.