Убавините на Македонија – искачување на Остри врв и врв Убава на Јакупица
- Детали
- понеделник, 06 март 2017
Планинарско-еколошкото друштво Guardians of Nature – I love hiking group Macedonia, изминатава недела имаа акција на планината Јакупица, со искачување на Остри врв 2263 мнв и врвот Убава 2353 мнв.
Група од 30-тина планинари од Скопје и од други градови од државата, во неделата дојдоа на една од потешките тури во зимски услови, организирана од I love hiking group – Macedonia.
Утрото во 06 часот групата тргна од Скопје кон с. Патишка река – 900 мнв. кое беше и стартната точка на оваа тура. Пред секое тргнување во дивината, на сите учесници од страна на организаторот им беше одржан краток информативен говор за турата. Екипата беше поделена во три групи со водичи којшто постојано беа во врска со останатите организатори. Најпрвин, движењето беше по колски пат со снег и мраз, а потоа се навлезе во шумата која за разлика од минатогодишната тура овој пат поголемиот дел беше немилосрдно уништена со дива сеча. Глетка која навистина никој не би сакал да ја види. Што уште треба да ни се случи за да сфатиме дека си ја сечеме гранката на која седиме?!
Движењето продолжи по неразгазена патека со длабок снег кој претставуваше предизвик за искачување. Брзо излеговме на гол терен од каде се упативме кон Остри врв. Времето како да сакаше да ни ги покаже сите свои расположенија, па не почести со густа магла, ветар, чисто небо и силно сонце. Попатно видовме и диви кози кои трчаа на сите страни и уживаа во природата. Првата поголема пауза ја направивме кај бачилото под Остри врв. При искачувањето снегот се намали, ама затоа на сцена настапија ветарот и маглата. Кон врвот Убава повторно не дочека длабок и кашест снег кој беше следен од маглата и ветерот се до врвот. При стигнувањето на двете групи на врвот Убава (2353 мнв.) маглата се расчисти и небото си се отвори, а од околу дојдоа до израз големите планини и нивните горди врвови. На врвот направивме групна слика и мала пауза за јадење и уживање во глетката. По паузата, полека но сигурно сите почнавме да се симнуваме кон шумата и завршната точка која беше и почетна, селото Патишка река. Целата тура беше кружна со изминати 20.4 км и вкупно искачување од 1743 мнв. со движење од околу 10 часа.
Сите изморени, накиснати во нозете, меѓутоа со големи насмевки на лицата, беа презадоволни од професионалната организираност на турата и позтивната енергија којашто цело време беше присутна.
Сите слики од турата можете да ги погледнете на следниот ЛИНК.
За повеќе информации и за следните акции на друштвото можете да ни се придружите, да се информирате и да не следите на следниов ЛИНК.