Александра Јанева за свадбата со Иван: „Го додадов презимето, ме земаа со адети од мојот дом во Струмица“
- Детали
- понеделник, 19 август 2024
„Во собата во која се криев, се смеевме и викавме гласно, и најемотивниот момент ми беше кога Иван конечно влезе внатре во собата, и кога се погледнавме двајцата со насолзени очи“, вели за CRNOBELO.com Александра Јанева, која викендов правеше свадба.
Пејачката Александра Јанева, од изминатата сабота е Јанева Ангелова. Таа на 17.08, во родната Струмица направи свадба со сите адети со своето момче Иван Ангелов, па на своето презиме го додаде и неговото.
Она што почна со бричење на младоженецот и туркање врата во собата на невестата, преку венчавка во црква и регистрација во ресторан, заврши со голема свадбена веселба која траеше до рани зори.
И покрај тоа, пејачката вели дека некако сè ѝ било прекратко, и таа воопшто не сакала да заврши најубавиот ден во нејзиниот живот.
Откако малку ги среди впечатоците, Александра за CRNOBELO.com раскажа детали од свадбата.
Taa ни откри кој ѝ бил најемотивниот момент, кој се погрижи за нејзината венчаница, но и за шминката и фризурата, за да блеска на свадбата и да биде преубава невеста.
Таа вели дека и понатаму е под импресии, но и дека сега, кога свадбената веселба е зад неа, таа се уверила во она што го велат сите - дека свадбата е навистина еден од најубавите денови во животот на секоја невеста:
„Уште сум под импресии од саботата и не ми се верува дека толку бргу ми заврши најубавиот ден во животот, за кој еуфорично се спремавме околу 6 месеци.
Многу ми е драго што, освен јас и Иван, и сите наши најблиски роднини и другари беа подеднакво возбудени и распеани и насмеани ги дочекаа сите важни моменти од тој ден.
Најголемата возбуда започна неколку дена пред свадбата, кога интензивно патував на релација Скопје-Струмица и во кола знаев да си пуштам традиционални македонски песни од кои првпат во животот ми надојдоа толку многу солзи.
Јас сум човек што плаче на тажни моменти, а на среќните се радува и весели, но овој пат емоциите беа многу измешани. Стих-солзи, стих-смеа.
Иван го чувствувам за свој сопруг уште пред да ме запроси, но помислата на тоа дека на тој ден официјално ќе ме земе од мојата родна куќа, од рацете на татко ми, кој е мојот ангел чувар, ме допре многу.
Интензивно течеше и спремањето во родната куќа во Струмица, се поставуваа декорации, со најмалите внучиња се дуваа балони, се учеа песни и се вртеа ора и сите беа превозбудени да дојде денот на свадбата.
Денот започна со утринско кафе и спремање кај мојот најдобар пријател и соработник, фризер и мејкап артист, Драган Гоцев.
Првиот изглед кој го подготви за мене беше сѐ што посакував.
Едноставен и романтичен, со нежна и ненагласена шминка и брановидна полуспуштена коса, што совршено одговараше со бајковитата невестинска креација која ја подготви Моника Коцарева.
Особено го обожавам додатокот на фустанот, панделка која се става околу струкот, а го носев за време на регистрацијата.
Тоа беше невестински фустан со рачно извезени бисери и монисти, во облик на сирена, со припиен корсет и пријатен материјал кој ја следеше линијата на телото.
И двајцата ги доловија сите мои желби за тоа како сакав да изгледам тој ден.
По средувањето на шминката и фризурата, следуваше комплетирањето на изгледот - облекување на венчаницата.
Потоа следуваше фоткање со најблиската фамилија, другарките и другарите и ‘билдање’ еуфорија за главниот момент - земање на невестата од дома, со голема екипа музичари, дувачи и тапанари.