Славчо Попоски, метеоролог: „Ќе биде невообичаено топло цела недела, но со малку пониски температури од денес“
- Детали
- понеделник, 05 февруари 2024
„Најтопло ќе биде денес и утре, кога максималните дневни температури на воздухот ќе се искачуваат во интервалот од 12 до 20 степени, додека во најтоплите централни и југоисточни предели тие можно е дури да надминат и 20 степени“, вели метеорологот Славчо Попоски за топлото време што нè очекува и во наредните денови.
Можеби утрово беше студено, но во текот на денот температурата се искачи над просекот за овој период од годината.
Имено, овој раст е од влијанието на топла воздушна маса која продира од Африка и топлото време може да се задржи и до крајот на неделата.
Во продолжение, прогноза на Славчо Попоски за невообичаено топлото време што нè очекува и во наредните денови:
„Под влијание на топла воздушна маса која продира од северните предели на Африка кон нашите краишта, во седмицата која е пред нас ќе имаме стабилно, суво и невообичаено топло време за овој период од годината, со многу сонце и многу малку облаци. Температурите ќе бидат дури за околу 10 степени повисоки од нормалните.
Најтопло ќе биде денес и утре, кога максималните дневни температури на воздухот ќе се искачуваат во интервалот од 12 до 20 степени, додека во најтоплите централни и југоисточни предели тие можно е дури да надминат и 20 степени.
Невообичаено топло ќе се задржи и во остатокот од седмицата, иако за некој степен ќе имаме пониски температури. И наутро температурите на повеќе места ќе се задржат до околу, или за неколку степени над нулата, што значи дека и утрата ќе бидат значително потопли.
Во Скопје и околината ќе имаме слично време. Максималните дневни температури ќе се искачуваат во интервалот помеѓу 13 и 15 степени.
Една кратка анализа околу моменталните случувања со времето и временските (не)прилики во Македонија - зошто имаме вакво невообичаено топло време во февруари (во срцето на зимата)? Се работи за метеоролошкиот феномен „Ел Нињо“, и истиот ни носи потопло време со натпросечно високи температури на воздухот.
Затоа и временските непогоди изминатото лето во Македонија беа значително почести и поголеми, но тоа не значи дека студеното време нема да се врати оваа зима, тоа сигурно ќе се врати, а со него и снегот (според моменталните набљудувања и анализи некаде околу, или по средината на овој месец).
Веднаш по 10 февруари влегуваме во влажен, нестабилен и циклонален период со почести врнежи и засилен ветер“.
Спирова С. | Црнобело
фото: freepik.com; Фејсбук