Денес се слави Митровден – Денот што предвидува каква ќе биде зимата
- Детали
- среда, 08 ноември 2023
Ако на Митровден падне снег, тој ќе се задржи сѐ до април. Кои народни верувања се врзуваат за празникот Митровден и кој бил светецот што многу се слави и се почитува и кај нас?
Православните христијани на 8-ми ноември го слават празникот Свети Димитриј, еден од најважните празници во зимскиот период, за кој се врзуваат голем број народни верувања и легенди.
Се верува дека Свети Димитриј бил роден во градот Солун од благородни и благочестиви родители, кои долго време биле бездетни. Тој бил син единец, заради што бил одгледуван со големо внимание и воспитуван.
Неговиот татко бил солунски војвода, па по неговата смрт Димитриј ја преземал неговата титула и добил наредба да ги прогонува христијаните од Солун.
Но, Димитриј не само што не го послушал царот Максимилијан, туку јавно го проповедал христовото учење во Солун.
Откако светецот јавно признал дека е христијанин, тој бил погубен од страна на царските војници, со копје, додека се молел, но пред својата смрт Димитриј го поделил целиот свој имот на сиромашните.
Се верува дека од неговото тело истекло исцелително миро од кое многумина болни се излекувале, а над неговите мошти била подигната мала црквичка. Свети Димитриј и до ден денес се верува дека е заштитиник на градот Солун.
Празникот Свети Димитрија во голем број семејства низ Македонија се слави како куќна слава, а именден слават и тие што ги носат имињата: Димитар, Димитрија, Диме, Митре или некоја друга варијанта од името.
Се верува дека на овој ден треба да се остане дома, а тој што нема да го направи тоа цела година ќе биде надвор и ќе преспива во туѓи домови.
Исто така, со оглед на тоа што Митровден го означувал почетокот на зимата, се верувало дека до овој ден треба да бидат завршени сите големи обврски и работи на поле и со стоката, а во времето на борбата за ослободување од отоманската власт, овој празник го означувал времето кога комитите треба да слезат од планините.
Многумина и до ден денес веруваат дека по овој празник времето станува лажливо и непредвидливо и дека во секој миг може да настапи зимата.
Многумина верувале дека Митровден претскажува каква ќе биде зимата. Се верува дека ако овој ден биде сончев, зимата ќе биде блага со мал број студени денови, а ако на Митровден падне снег, тој ќе се задржи сѐ до април.
Б. С. Б. | Црнобело