Пар од САД е воодушевен од посетата на Македонија: „Охрид во есен е прекрасен, земјава е мало парче рај“
- Детали
- понеделник, 06 ноември 2023
„Ова е мало парче рај, скриениот бисер на Европа“ – млад американски пар е воодушевен од посетата на Охрид и Скопје, а своите впечатоци ги споделува на својот Инстаграм профил. Тие не ги кријат пофалните зборови за нашата земја.
Млад пар од Америка одлучил првите години од бракот да ги посвети на патувања. Тие сакаат да посетат што е можно повеќе земји и да научат нови јазици, а деновиве престојуваат во Македонија.
Бронвин и Кејлеб Јеунг од САД објавуваат содржини од нивните патувања на нивниот Инстаграм профил, но и на нивниот канал на YouTube.
Од нивните објави може да се види дека тие имале можност да го посетат Скопје и кањонот Матка, а потоа се упатиле кон нашиот бисер Охрид, а во описите во видеата не го кријат своето воодушевување од тоа што нашата земја им го понудила.
„Ова е мало парче рај“ – пишуваат тие до видеото од кањонот Матка.
„Добредојдовте во Скопје, градот со над 280 скулптури околу мостовите, улиците и зградите. Ова е дефинитивно единствена карактеристика“ – велат тие до видеото, на кое се гледаат повеќе споменици и градби од главниот град.
Бронвин и Кајлеб потоа заминале во Охрид каде биле пријатно изненадени од топлото време, но и од тоа што во овој период од годината градот не е преплавен од туристи.
Парот можел да ужива во прошетките на црквите и манастирите, но и да направи посебно видео со старите европски автомобили што ги има на многу места низ градот.
Тие објавија посебно видео во кое појаснија зошто според нив Охрид е скриениот бисер на Европа:
„Празни улици и нема метеж;
Можете да се капете во најстарото европско езеро (старо околу 2 милиони години), кое воедно е и најдлабоко на Балканот;
Има 365 цркви за секој ден во годината. Голем број од нив се отворени за туристи.
Има повеќе планини од која било друга европска земја“ – велат тие.