Давид Мукка, Македонец со урбан моден стил: „Носам сè – од здолништа до костуми“
- Детали
- недела, 05 ноември 2023
„Носам сè - од здолништа до сакоа. Изгледот ми варира според расположението. Не би облекол фенси италијански патики со циркони, или пак некоја од оние чантички што често ги носат мажите на Балканот или во Мексико. Не тргнувам на пат без чизми и влечки, а чевли носам само на премиери или интервјуа кога промовирам филм“, вели за својот стил македонскиот актер и музичар со финско потекло, Давид Мукка.
Не постои едноставен начин да се опише Давид Мукка. Македонскиот актер, кој по татко има финска крв, глуми во десетина филмови и серии, вклучувајќи и проекти на американскиот пазар.
Имаше главна улога во македонскиот серијал Black Ops, краткиот филм The Elephant и новиот филм Ingrid And I, кој наскоро треба да има премиера. Се појави и во ситкомот „Преспав“, како компјутерскиот хакер Арчи.
Но, Давид е и музичар, кој има снимено три албуми, па паралелно е посветен на двете кариери.
Освен со професијата, тој привлекува внимание и со својот впечатлив стил на облекување, па организаторите на неколку модни настани кај нас, изминатиов период го поканија да биде гостин-модел на нивните ревии.
За својот изглед и стилот, Давид за CRNOBELO.com вели:
„Носам сè - од здолништа до сакоа. Изгледот ми варира според расположението, а естетиката е елемент што сам по себе екстерно се проектира, особено кога си релативно свесен околу сопствениот сензибилитет.
Стилот ми е многу флексибилен, освен кога не е (ха, ха).
Сакам да носам еднобојна облека и моментално преферирам темносини, излитени окер или црни нијанси. Кај мене во гардеробер се кријат десетици филмски костими од порано, секакви мантили и најмногу од сè – 'мрднати' чорапи!
Не мислам дека некогаш би облекол фенси италијански патики со циркони, или пак некоја од оние чантички (fanny packs) што често ги носат мажите на Балканот или во Мексико.
Не тргнувам на пат без чизми и влечки, а чевли носам само на премиери или интервјуа кога промовирам филм.
Сакам синџири, прстени и алки, но никогаш не ги барам, оставам накитот спонтано да ме наоѓа низ животот. Истото важи и за тетоважите.
Не трошам многу пари на облека, искрено, затоа што не купувам исклучиво брендови. Но, штом имаш некое место во окото на јавноста, солиден дел од гардеробата ти доаѓа и бесплатно“.