Секоја чест! 6-годишно девојче од Македонија „држи предавања“ по англиски, италијански и македонски на Инстаграм
- Детали
- петок, 27 октомври 2023
„Таа е сѐ уште мала, профилот на Инстаграм е повеќе е за забава, детска активност и јазична едукација. Видеата не ни одземаат многу време, ги снимаме брзо и спонтано“ – вели во изјава за CRNOBELO.com мајката на 6-годишната Стела, Вероника Стоилков.
Малата Стела Стоилков (6) на својот Инстаграм профил, што е раководен од нејзината мајка Вероника, редовно објавува видеа на кои го споделува своето знаење од италијански, англиски, македонски јазик, но и други јазици.
Во изјава за CRNOBELO.com, нејзината мајка Вероника, ни појасни дека минатата година, кога Стела имала 5 години, таа и сопругот Дарко, одлучиле да се преселат во Италија, каде сега девојчето е ученичка во второ одделение.
„Лани во септември кога почна прво одделение, не знаеше доволно италијански (само основни зборови), но го научи многу лесно и брзо, за 1-2 месеци.
Многу ѝ помогна тоа што зборува англиски, па на почеток со учителките комуницираше на англиски и така брзо научи италијански“ – раскажува мајката.
Малата Стела англиски зборува уште од многу мала, затоа што мајка ѝ уште додека Стела била бебе ѝ зборувала паралелно и англиски и македонски со цел лесно да го научи јазикот уште од мала, па така зборувањето англиски за неа е нешто што доаѓа сосема природно.
„Инстаграм профилот го направивме неодамна, што беше моја идеја, но имаме канал на YouTube кој го направивме пред 3 месеци на нејзина идеја и прво таму почнавме да објавуваме.
Профилот не е за да држи часови, сѐ уште е мала, повеќе е за забава, детска активност и јазична едукација.
Видеата не ни одземаат многу време, ги снимаме брзо и спонтано, затоа што таа е дете и сака да го каже набрзина, а не да го повторува уште еднаш “ – вели мајката.
Како што раскажува мајката, Стела во моментов е во второ одделение, а минатата година завршила прво одделение како одлична ученичка.
Учителите потенцираат дека има талент за јазици, па таа вели дека следно сака да научи шпански или руски.
Освен што сака да изучува јазици, Стела има и други омилени активности. Па, така кога не е во училиште таа сака да чита сликовници, да пишува песнички, да си игра со лего коцки, да танцува и да тренира одбојка.
Погледнете повеќе фотографии од Стела во продолжение:
Б. С. Б. | Црнобело