Миа Костова - смртта на баба ѝ, Агнеса Органџиева - злобните коментари за разводот: Што ги повредило најмногу познатите?
Ване Маркоски
Најмногу бев повреден кога „блиски“ луѓе заборавија на мене кога еден месец бев во болница.
Не ме повреди толку тој момент, колку глумата откако застанав на нозе.
Тогаш не беше лесно, но од сегашна перспектива сум благодарен за секој еден момент што се случи тогаш.
Тоа ме направи да бидам човек кој ќе знае да си го сака животот.
Најголема поддршка ми беше семејството и тројца мои блиски пријатели. Ама, толку ти е доволно во животот.
Зоран Василевски
Може да ме повреди невистина и само невистина.
Мразам лаги, а мојата искреност повеќе ми наштетила, отколку што сум имал некаков бенефит.
Со невистината се справувам очи во очи. Сакам фер плеј и така живеам.
А најголема поддршка сум си секогаш сам на себе. Луѓето околу мене го знаат тоа.
Агнеса Органџиева
Искрено, најмногу ме повредиле народот и нашето општество, коментарите што ги читав пред скоро 3 години поврзани со мојот „јавен развод“: заземаа страна, беа судии на мојот живот, ме навредуваа, а не ме ни познаваат, даваа мислење и кроеја иднина за мене.
Навлегуваа во срцата на моите деца, на моите родители, без срам.
Кога еден ден ќерка ми Вивиен ми даде да прочитам една статија напишана од Стив Џобс, која велеше дека прво правило за секоја јавна личност е никогаш да не ги чита коментарите во медиумите и социјалните мрежи, тоа и го направив.
Сфатив дека луѓето кај нас се пронајдоа во мојот живот, првенствено жените кои немале сила да го направат мојот чекор, бидејќи чувствуваат страв, а имаат желба за слобода, за среќа, за љубов.
Па, целиот гнев и омраза од нивните животи го распукаа на мене.
Сакам да ги прашам дали тогаш се чувствуваа ослободено? И колку им траеше тој мир на прочистување од нивната омраза?
Даниел Данн
Не би можел да издвојам одреден настан, ама единствено што ме повредило, и може да ме повреди е близок човек.
Од овој агол и временска дистанца би рекол тоа е поради илузиите и човековата природа да го идеализираме секој однос.
Надминувањето на тешки периоди не е едноставно, ама сметам дека сум силен во тој поглед, и тоа е нешто што секогаш морам да го изодам сам.
Се разбира дека вистинските пријатели, семејството, во мојот случај и музиката и публиката, знаат да бидат „ветер во грб“, ама кога ќе останеш сам со себе преостанува да се соочиш со реалноста и да научиш како понатаму.
Не мислам дека времето лекува сè, не мислам дека луѓето забораваат… и не треба, ама прифаќањето и продолжувањето е здрав начин кој секој треба да го практикува.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело