Емотивно видео на Македонка која боледува од Хочкинов лимфом: „Се плашев како ќе реагира ќерка ми кога ќе ми падне косата“
- Детали
- недела, 08 октомври 2023
„И јас всушност цело време мислев дека мене тешко ќе ми паѓа тоа што косата ќе падне, а на крај сфатив дека само сум се плашела од реакцијата и тоа како ќе ја прифати таа промена ќерка ми“ – пишува до видеото Ивана од Прилеп која се бори со Хочкинов лимфом, а покажа како ќерка ѝ ѝ помогнала да ја скрати косата и да стави перика.
Ивана (32) од Прилеп боледува од Хочкинов лимфом, а секојдневно објавува нови содржини од својата борба на нејзиниот Инстаграм профил, со цел да ги охрабри и да им даде поддршка на сите што во моментов поминуваат низ вакви и слични борби.
Таа на својот Инстаграм профил објави видео на кое се гледа како нејзината ќерка ѝ помага да ја скрати косата, која треба да падне заради терапиите што ги прима додека се бори со болеста:
„Мало признание:
Не сум стигната ни до половина од лекувањето. И јас всушност цело време мислев дека мене тешко ќе ми паѓа тоа што косата ќе падне, а на крај сфатив дека само сум се плашела од реакцијата и тоа како ќе ја прифати таа промена ќерка ми.
Сега, откако таа ми помогна да ја скратиме косата, за да порасне поубава и подолга нели... Знам дека тоа е најмалиот проблем од цел процес што го доживувам. Овие рачиња што секојдневно ми будат насмевка и не даваат ама апсолутно никакво значење на надворешниот изглед е повеќе од доволно.
Ви благодарам на сите што секој ден ме прашувате како сум. Му благодарам на моето семејство и на Господ за ова искушение, за кое верувам ќе излезам како победник“ , напиша Ивана до емотивното видео.
Инаку, оваа мајка на две деца во јуни за првпат објави дека ја добила дијагнозата.
Тaa пред себе има тежок пат со хемотерапија и третмани, но вели дека ќе се бори со двете деца во раце и ќе зборува јавно за да ги охрабри и другите кои минуваат низ истото.
Б. С. Б. | Црнобело