Модата на црвениот тепих на „Браќа Манаки“ - Ана Стојановска издоминира со оскаровски гламур, Дани Ѓуровска во шик бел костим
- Детали
- понеделник, 25 септември 2023
Актерката Ана Стојановска носеше здолниште и топ од дизајнерката Елена Лука и беше буквално „Наша, а светска“, Миланка Рашиќ се појави во син фустан, модниот креатор Андреј Папаз привлече внимание со специфичниот костум... Каква беше модата на отворањето на „Браќа Манаки“ во Битола?
Под мотото „Прекрасното непознато“ на 23 септември во Битола свечено беше отворено 44-тото издание на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“. На црвениот тепих продефилираа многу актери, филмски работници, политичари, новинари, модни дизајнери и инфлуенсери.
Она што особено привлече внимание беше модата на црвениот тепих.
Вистинска модна ѕвезда на вечерта беше актерката Ана Стојановска.
Таа носеше креација од дизајнерката Елена Лука - здолниште во форма на сирена кое ја следи линијата на телото во комбинација со топ со долги ракави и покажа вистински оскаровски гламур на црвениот тепих. Ана носеше и светкава чанта, која ѝ беше врзана околу половината.
Со својот стил вниманието го привлекоа и сестрите Митевски, Теона и Лабина.
Лабина Митевска
Лабина беше облечена во црн фустан, а Теона носеше крем комбинација од панталони и кошула со црвено-црн принт, а изгледот го комбинираше со гломазни чизми до глуждовите.
Теона Митевска
Пофалби за изгледот доби инфлуенсерката Даниела Ѓуровска, која на црвениот тепих дојде облечена во елегантен бел костим, а изгледот го дополни со бели ракавици и розова чантичка во форма на срце.
Одлично изгледаше и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, која за оваа пригода избра црн елегантен фустан без ракави, во комбинација со црвени сандали.
Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска
За разлика од дамите, повеќето мажи се решија за класични костуми во комбинација со чевли или патики, зависно од личниот стил. Но, имаше и такви кои дојдоа во фармерки и кошула или маичка.
Кај мажите се издвојуваше дизајнерот Андреј Папаз, кој за црвениот килим избра црно-бела комбинација со златни детали.