Коки Јанков за CRNOBELO: „И 10 години по смртта, Дуле е секој ден покрај мене“
- Детали
- сабота, 23 септември 2023
„Многу време требаше да се решам да направам концерт посветен на Дуле. Бев многу возбуден, но не се напив ни една чашка за да се опуштам - сакав да почувствувам сè и да се однесувам така како што ќе ми дојде во моментот. По некоја песна почнав да уживам со публиката“ - вели Коки Јанков за CRNOBELO.com.
Виолинистот Никола Јанков – Коки на 15 септември одржа концерт во родниот Штип, а го посвети на својот најдобар пријател, Душан Љубисављевиќ, со кого свиреше во дуото „Дуле и Коки“, а кој почина на 23 септември 2013 година.
Десет години по смртта на Дуле, кој имаше 38 години кога почина, Коки со кнедла во грлото и се сеќава на својот најдобар другар.
Тој не го заборава Дуле, па на секоја годишнина од неговата смрт, објавува заеднички фотографии и раскажува по некоја анегдота од времето кога беа најпопуларни музичари во Македонија.
И покрај тоа што поминаа 10 години од ненадејната смрт на Дуле, Коки за CRNOBELO.cом вели дека неговиот другар е со него секој ден, но и во спомените на многумина што ги слушаа нивните песни и доаѓа на нивните свирки.
Во краток разговор, тој сподели и емоции за концертот, на кој ги испеа најголемите хитови на дуото: „Виолина и гитара“, „Марама“, „Колку треба да се плати“ и многу други...
„Многу време помина за да се решам на ваков чекор, едноставно сега беше моментот за да се направи сè на ваков начин. Бев многу возбуден пред концертот.
Не се напив ни една чашка за да се опуштам, сакав да почувствувам сè и да се однесувам така како што ќе ми дојде во моментот.
Емоционално бев супер, и по некоја песна се опуштив и почнав да уживам со публиката.
Дуле е дел од мене и од секојдневието.
Дуле е дел од публиката и дел од песните што остана запишани како историја и во убавите сеќавања на многу генерации. Должен сум да го продолжам тоа - вреди.
Инаку, најавата на концертот беше „2013-2023“, но го променивме во „2013-засекогаш“, ни раскажа Коки.