Потег за пофалба: Ученици и наставници во битолска гимназија ги оставаат телефоните во кутии додека траат часовите (фото)
- Детали
- среда, 20 септември 2023
Во битолската гимназија „Јосип Броз Тито“, учениците и наставниците ги оставаат нивните мобилни телефони во специјални кутии додека траат часовите, со цел да се подобри вниманието на часот, а со тоа и успехот. Треба ли ова правило да се применува низ сите училишта ширум државата?
Уште откако се појавија на пазарот и станаа достапни за повеќето, смартфоните претставуваат проблем во училиштата.
Неретко учениците не внимаваат на часовите и вниманието им е свртено кон нивните телефони.
Денес, се чини дека овој проблем е уште поголем, до тој степен што во јули годинава УНЕСКО излезе со предлог да се забранат смартфоните во сите училишта ширум светот.
Тие се повикаа на истражувања кои покажувале дека користењето на смартфони во училиштата е поврзано со намален перформанс на учениците. Истовремено, ова имало и негативно влијание врз емоционалната стабилност на учениците.
Наставниците се свесни за овој проблем и неретко ги прекоруваат нивните ученици кога користат телефони на час, но училиште од Битола отишло чекор подалеку.
Во битолската гимназија „Јосип Брз Тито“ учениците, но и наставниците, треба да ги остават нивните телефони во посебни кутии пред почетокот на часот.
Од гимназијата ја споделија веста на нивниот официјален Фејсбук профил.
„Има време и за мобилни телефони, но на училиште најважен е часот и предавањето на наставникот.
Со одлука на Наставнички совет, сите ученици и наставници задолжително ги оставаат своите мобилни телефони во кутиите со прегради кои ги набавивме специјално за таа намена. Секако дека за време на одморите можат да се користат.
Вниманието и вклучувањето во часот е приоритет. Со оваа одлука се надеваме и очекуваме да се подобри вниманието и концентрацијата на часот, да се подобри училишниот успех на учениците, но и да се намали употребата и зрачењето на мобилните телефони во секојдневието“, пишува на објавата.
Што мислите, дали ова правило треба да се примени во сите училишта низ државата?
Спирова С. | Црнобело