Браво! Ребека славеше роденден, парите што ги доби на подарок ќе ги донира за лекување на Леонид
- Детали
- сабота, 16 септември 2023
Ребека го прослави роденденот со најблиските, а парите што ги доби како подарок, 15.000 денари, ќе ги донира за лекување на Леонид, момчето кое се повреди на летување во Грција и кое во моментов е во болница во Солун.
Пејачката и претседател на здружението „Дајте ни крилја“, Ребека Јанковска-Ристески наполни 52 години. Таа роденденот го прослави вчеравечер (15.09) во скопско кафуле во центарот на градот, со своето семејство и неколку најблиски пријатели.
Фотките од прославата, на која имаше и торта во форма на срце, Ребека ги објави на својот Фејсбук.
Таа се заблагодари за роденденските честитки и вели дека парите што ги добила од пријателите ќе ги донира за 18-годишниот Леонид Индов, кој се повреди на летување во Грција, а потоа беше опериран во болница во Солун, каде што сè уште се наоѓа.
„Драги и почитувани мои пријатели. Уште еден роденден помина. Му благодарам на Бога за сите убави мигови, семејството, ближните, пријателите, насмевките, здравиците, честитките, испеаните песни, бакнежите, прегратките, солзите и љубовта како круна на сè.
Вам ви благодарам за сите честитки, љубовта која ја чувствувам и во која уживав денес.
Денес го славевме пријателството и животот и затоа одлучив сите подароци кои ќе ми ги донесете да бидат прегратки, вашето скапоцено присуство и помош за Леонид.
На Леонид во овој момент му е потребна помош.
Моите пријатели за мојот роденден ми подарија 15.000 денари, а јас му ги подарувам на Леонид. Среќно Леонид.
Ви благодарам од сè срце. Ве сакам“, напиша Ребека.
Пејачката е меѓу бројките јавни личности кои апелираа до хуманите луѓе да донираат пари за Леонид, чие лекување во Грција чини околу 200.000 евра.
Леонид доживеа несреќа во која ги повреди третиот, четвртиот и петтиот пршлен, додека беше на летување во пријателите во Калитеа. Тој беше итно пренесен во Солун, каде што му се направени неколку успешни операции, но дише на апарати и не може да ги движи екстремитетите.
Поради сериозноста на повредите, Леонид не може да биде префрлен во Скопје, туку се наоѓа на одделот за интензивна нега во болница во Солун.
Тој е ученик во Математичко-информатичката гимназија во Скопје и во септември 2023 требаше да почне со настава во IV година. Неодамна со својот тим го освои првото место на меѓународниот натпревар NASA Space Apps Challenge.
Меѓу оние кои јавно апелираа за донации се и актерката Јелена Жугиќ, пејалката Бојана Скендеровски, водителката Анита Даева и други.
https://www.facebook.com/rebeka.risteski/posts/10225897196071577
Прочитајте и Јелена Жугиќ со емотивна објава за Леонид (18), кој се повреди во Грција: „Другар на син ми е уште од градинка и е исклучително момче“
А. Ј. | Црнобело