Доктор Митов: „Во рака ми е првиот леб што сум го направил - баш каков што го сака жена ми“
- Детали
- вторник, 05 септември 2023
„Природата нѐ учи на многу работи, но пред сѐ мислам дека нѐ учи на трпение. И потполна поврзаност...“, порачува доктор Митов и открива детали за неговата градина, но и домаќински активности, кои му се најголемо задоволство, покрај семејството, се разбира.
фото: Фејсбук
Доктор Александар Митов веќе години наназад ужива во хармоничен брак со неговата сакана Васка, со која има 3 деца.
Но, покрај сопругата и децата, во овој период од животот најголемо задоволство му претставува неговата градина, во која работи посветено и со многу љубов.
Покрај во уживањето во вкусот на домашно одгледаните домати, пиперки, тикви и што уште не, доктор Митов ужива и во другите активности во домаќинството.
Овојпат тој се пофали дека успеал да направи леб и тоа не каков било, туку токму таков каков што сака неговата сопруга.
Неговата објава на Фејсбук гласи:
„Во рака ми е првиот леб што сум го направил. Кисел леб, од целосно зрно од пченица, дома смелено тазе.
Трет обид за да ја направам домашната маја за кисел леб, конечно успеа.
Кисел како што го сака жена ми, па сега не можела да ослаби. Ако некој продава органска пченица нека ми пише“.
Пред извесен период тој сподели дека и аспарагусот е засаден во неговата градина:
„За растение кое може да трае и да дава род над 30 години, како што е аспарагусот - вреди трудот.
Имено, семињата ги засадив на почетокот на април и им требаше 2 месеци да изртат. Летото го поминаа во мали саксии бидејќи ќе им беше претопло да ги ставам во земја.
Конечно денес, кога есента е пред нас, ќе добијат шанса да го прошират коренот и да презимат.
Природата нѐ учи на многу работи, но пред сѐ мислам дека нѐ учи на трпение. И потполна поврзаност...“