Македонка беше на Флорида пред ураганот и за CRNOBELO споделува: „Моравме да го напуштиме сместувањето во Тампа, имаше предупредување“
- Детали
- петок, 01 септември 2023
Силни ветришта, поплави, домови без струја... Флорида живее тешки денови по пустошењето од ураганот Идалија. Стефанија Насеска од Прилеп се најде во Тампа пред ураганот и за CRNOBELO.com открива детали...
На 30-ти август Флорида ја погоди Идалија, ураган од трета категорија, а нашата модна дизајнерка Стефанија Насеска на крајот од август престојуваше токму во Тампа, град на Флорида.
Таа всушност во САД престојува во Лос Анџелес, каде работи на новата колекција за Hottie & Lord брендот со кој има долгогодишна соработка. Ќе остане таму додека се завршат подготовките и потоа ќе се врати да ја подготви нејзината колекција, но на Флорида била отидена на краток одмор.
За CRNOBELO.com Стефанија открива детали за евакуацијата пред ураганот:
„Да, во Тампа бевме пред ураганот, но, за среќа, се евакуиравме на време, па не го фатив пикот.
Пред ураганот нас нѐ известија дека треба да го напуштиме сместувањето бидејќи бевме покрај вода и цел реон таму всушност е на вода. Мали острови се.
Фотографија на Стефанија направена пред ураганот
Ни ги откажаа летовите и среде ноќ поради гужвите со изнајмен автомобил (rent a car) заминавме во Орландо бидејќи натаму не се движеше бурата и оттаму полетавме за Лос Анџелес.
Моето искуство не беше лошо, ама по тоа што го видов на телевизија тука страшно изгледа во загрозените делови, како Тампа и малку погоре на север.
Сцени од ураганот, преку фотографии од американски медиуми
Сцени од ураганот, преку фотографии од американски медиуми
Сцени од ураганот, преку фотографии од американски медиуми
Флорида како дестинација за посета ми испадна спонтано, како еден мини одмор додека сум тука и кога е спонтано секогаш се случуваат најубавите работи, пред немилиот настан, се разбира.
Тука ми се исполни нешто што сум го посакувала одамна - да видам диви делфини.
Случајно без никакво очекување се појави мала група на делфини додека преминував преку еден мост, и беше многу пријатно едночасовно искуство да ги набљудувам како си ја ловат храната, а и ми приредија и мини шоу со скокање над површината на водата. Незаборавно.
Флорида ќе ја запаметам по топлата тиркизна вода од Мексичкиот залив и белите песочни плажи со многу гнезда од морски желки. А ураганот Идалија нема воопшто да ја наруши сликата која веќе ја урамив во спомените, но навистина ми е жал што се случи“.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело