Maкедонка, што живее во САД, го откри полот на бебето со натпис на куќата и украси во дворот - најсреќно беше братчето
- Детали
- среда, 23 август 2023
„Бидејќи синот Адам (3) беше возбуден за тоа дека ќе биде голем брат, сакав дознавањето на полот да биде нешто на кое тој ќе се радува и ќе го памети долго време. Среќата кога ги виде розовите балони и конфети беше огромна. На сите гордо му раскажуваше за неговата дада која доаѓа наскоро“, раскажува за CRNOBELO.com Ивана (26), која живее во Краун Поинт во Индијана.
Ивана (26) е дипломиран економист, мајка и сопруга, која со семејството живее во градот Краун Поинт (Crown Point) во Индијана, САД.
Веќе 6 години е во брак со сопругот Денис, а тој преку 13 години живее во Америка, додека Ивана и синот отишле пред повеќе од една година.
Сега, нивното семејство е побогато за уште еден член, а парот доби ќеркичка на 16-ти август.
Кога ја дознале убавата вест, а потоа и полот, пресреќни одлучиле да приредат уникатно откривање на полот на бебето со натпис на куќата, украси во дворот, а потоа и отворање на кутија со балони и конфети од страна на нивниот син.
За CRNOBELO.com Ивана говори за овој убав миг од нивниот живот:
„Дада или бато? После 5 месеци од бременоста дознавме за полот на бебето.
Бидејќи синот Адам беше возбуден за тоа дека ќе биде голем брат, сакав дознавањето на полот да биде нешто на кое тој ќе се радува и ќе го памети долго време.
Неговата желба беше „розово“ (женско) бебе, а и моја не можам да кријам.
Среќата кога ги виде балоните и конфетите беше огромна. На сите гордо му раскажуваше за неговата дада која доаѓа наскоро.
Разликата во годините е доволна за да може да разбере што се случува околу него и да ја прифати новата средина.
Тука во Америка прават поголеми забави за откривање на полот, потоа и т.н. „baby shower“, но јас сакав да биде нешто скромно, а да ни остане во сеќавање како и тоа кога му соопштив на синот и сопругот дека наскоро ќе ни се придружи и четврт член на фамилијата.
Сега, можам да кажам дека Адам е најдобриот батко. Постојано се грижи за сестричката, нѐ кара да бидиме тивки за да може да спие и ѝ дава играчка кога плаче.
Во болница, најголема поддршка ми беше токму тој. Иако има само 3 и пол години ме изненади со неговото разбирање и почитување“.