Самовилите и принцезите од нашето детство: Како изгледаат денес македонските актерки со чии ликови сите пораснавме?
- Детали
- сабота, 26 август 2023
Цели генерации пораснаа со „Македонски народни приказни“, „Во светот на бајките“, „Големи и мали“, „Туфи и двојче“, „Умни глави“, „Бушава азбука“, „Дајте музика“, „Чук, чук Стојанче“, и токму актерите од овие серии и емисии беа херои во нашето детство.
Вечната борба меѓу снаата и свекрвата, моќите на самовилите, маките на една мајка, мудроста на цариците, со својата одлична глума ги пренесуваа актерките Шенка Колозова, Дубравка Киселички, Ленче Делова, Стојна Костовска, Јасмина Поповска, Изабела Новотни.
Хероините кои оставија траен белег кај гледачите, преку овие улоги ни ги доближија традицијата, обичаите и вистинските морални вредности.
И понатаму се активни на македонската актерска сцена и после толку години и понатаму пленат со својата харизма.
Шенка Колозова
Една од доајените на македонското глумиште, царицата од македонските народни приказни, незаборавниот лик од детските ТВ серии и драми е Шенка Колозова, денес има 76 години.
Целиот работен век го помина како професионална актерка во народните театри во Штип и Куманово, а подоцна и во Македонскиот народен театар во Скопје, каде и се пензионираше.
Пензинерските денови ги поминува во својата куќа во охридското село Велестово. Таму таа одгледува зеленчук, ги чува своите кучиња и мачки, коси трева, сече дрва и ужива во природата.
Дубравка Киселички
Една од најубавите актерки Дубрава Киселички секогаш имаше улога на принцеза, самовила и добра девојка која маѓепсува со својата убавина.
Дубравка и нејзината ќерка Пируника, која е нејзина копија, ќе ги гледаме и во најновите народни приказни на Владо Дојчиновски кои ќе се емитуваат на малите екрани.
И по 20 години, Дубравка плени со својата убавина.
Ленче Делова
Актерка со можеби најспецифичен и најавтентичен сценски сензибилитет, Ленче Делова својата актерска кариера ја започнала кога имала само 16 години.
Публиката ја памети по нејзините улоги во „Салон хармони, „ Чук, чук Стојанче“ и „Во светот на бајките“.
Остави траен белег во ТВ драмите и сериите, играните филмови и театарските претстави.
Денес има 75 години, а во пензија е од 2013 година.