Бричење на зетот, свекрвино оро: Оливер Андреевски и Елисавета Булоска се венчаа на Галичка свадба 2023 со преку 30 обичаи
- Детали
- недела, 16 јули 2023
Оливер Андреевски и Елисавета Булоска денес (16.07) се венчаа во црквата „Св. Петар и Павле“ пред нивните семејства, пријателите и гостите кои дојдоа од различни краишта од Македонија и Европа за да бидат сведоци на годинешната Галичка свадба 2023.
Со преку 30 традиционални обичаи и стотици статисти за сè да изгледа автентично како во минатото, денес (16.07) во Галичник се одржа 60-тото издание Галичка свадба, на која се венчаа Оливер Андреевски и Елисавета Булоска.
Зетот по потекло е од Галичник од семејството Шулески, а невестата е со потекло од Охрид.
Тие ја продолжија децениската традиција, која е инспирирана од желбата на жителите на Галичник да ги сочуваат обичаите на Мијаците од заборав.
Двата дена свадбени активности кулминираа денес, кога Оливер и Елисавета, си го кажаа судбоносното „да“ во црквата „Св. Петар и Павле“.
фото: Youtube
Пред бројните членови на нивните семејства, пријателите и гостите кои дојдоа од различни краишта од Македонија, но и Европа за да бидат сведоци на овој прекрасен настан кој се случува секоја година, првиот викенд по празникот Петровден.
Свадбените активности почнаа во саботата (15.07) со поставување на свадбарскиот бајрак, неговото китење и симболичниот чин на „фрлање“ три пушки од куќата на зетот.
Зетот со семејството ги пречека тапаните, па сите заедно заминаа на мостот во селото, каде што свекрвата го поведе свекрвиното оро.
Потоа, пред селската чешма, се играа ората „Невестинско“ и „Тешкото“, кои се симбол на пркосот и непокорот.
Свадбените обичаи вчеравечер завршија со одењето по вода, кога невестата заедно со свадбарите одеше на три чешми да наполни вода.