Ивана (32) од Прилеп: „Ми дијагностицираа Хочкинов лимфом, ќе се борам со двете мали деца во раце - проверувајте го своето тело“
- Детали
- четврток, 15 јуни 2023
„Споделувам со вас една недела по операцијата, само затоа што баш тие што споделиле исто или слично искуство, мене ми помогна да прифатам многу брзо. Мојот гостин е господин Хочкин или најблиску кажано - леукемија на лимфна жлезда...“, споделува Ивана (32) од Прилеп, која ја добила оваа дијагноза по породувањето со второто дете.
Ивана (32) од Прилеп, по професија економист, на својот Инстаграм профил сподели дека пред извесен период ја добила дијагнозата Хочкинов лимфом, а дека пред една недела имала операција.
Оваа мајка на две деца пред себе има тежок пат со хемотерапија и третмани, но вели дека ќе се бори со двете деца во раце и ќе зборува јавно за да ги охрабри и другите кои минуваат низ истото.
Таа вели дека ѝ се појавиле некои симптоми, но не толку силни за да одлучи да посети доктор.
Имало ноќно потење, нагло слабеење и други нормални симптоми за после породување, но црвениот аларм кај неа се вклучил кога забележала топче на вратот. Тогаш посетила доктор и ја дознала дијагнозата.
Нејзината објава на Инстаграм гласи:
„Ок. Мислев дека ќе ми треба повеќе време за да прифатам што ми се случува. Да ја прифатам мојата приказна која што само почнала и патувањето низ кое ќе минувам.
Споделувам со вас една недела после операцијата, само затоа што баш тие што споделиле исто или слично искуство, мене ми помогна да прифатам многу брзо, да знам дека не сум сама и дека апсолутно Господ ни дава само тоа што можеме да го издржиме.
Мојот гостин е господин Хочкин. (Најблиску кажано леукемија на лимфна жлезда). Не знам дали е баш господин, затоа што не се најави дека ќе дојде, ама ајде ќе си го викам така.
Патување за кое не можев ни да замислам дека може да се случи, но се случува.
Ме чека долг и тежок процес, сериозен, но фала Богу не толку опасен. Ме чека хемотерапија и мал милион промени знам. Но, јас сум човек кој е искрен и верувам дека сè ќе биде добро.
Викаат дека многу подобро и полесно е ако споделиш со некој, ти олеснува на душата... Дефинитивно тоа е така апсолутно за сè.
Нема да должам... Ќе си ја споделувам мојата приказна на Инстаграм, ќе споделувам колку што можам и како се одвива сè. Ќе пишувам многу. Затоа што и една, единствена најмала промена на нашето тело е алармче за доктор!
Тоа што ќе се борам со едно тодлерче дома и бебе во раце е уште поголема мотивација за да го испратиме непоканетиот гостин назад.
Ве молам, проверувајте го своето тело“.
С. С. | Црнобело