Украде 4 милијарди долари и исчезна – Како бугарската криптокралица Ружа Игнатова стана најбарана жена од ФБИ?
- Детали
- сабота, 08 јуни 2024
Некои тврдат дека му плаќала по 100.000 долари на бугарскиот крал на подземјето за да ја заштити, а тој свирепо ја убил, додека други тврдат дека се скрила на остров на Карибите, каде што живее со својата ќерка. Што знаеме за бугарската криптокралица Ружа Игнатова која исчезна во 2017-та година?
Ружа Игантова е Бугарката која се бара од ФБИ за измама на инвеститори и се верува дека успеала од нив да извлече повеќе од 4 милијарди долари.
Пред 10-ина години Ружа Игнатова стана позната заради нејзината компанија за криптовалути OneCoin, за која се покажа дека е пирамидална шема, која ги извлече животните заштеди на голем број наивни граѓани.
Во продолжение повеќе факти за бугарската криптокралица што можеби не сте ги знаеле:
Таа била родена на 30-ти мај во 1980-та година во Бугарија, а на 10-годишна возраст заедно со родителите се преселила да живее во Германија.
Татко ѝ бил инженер, а мајка ѝ учителка.
Се верува дека студирала на универзитетот Оксфорд во Англија, а во 2005-та година се стекнала со титулата доктор на науки на универзитетот Констанц во Германија, од областа на интернационалното право.
Таа била во брак со германскиот адвокат Бјорн Стрел и заедно ja добиле ќерката Давина во 2016-та година.
Според гласините во бугарските кругови, Ружа ја добила ќерката со помош на сурогат мајка, а по повод нејзиното раѓање, криптокралицата направила луксузна забава. А и нејзината јахта прикотвена во Созопол го носела името на девојчето.
Ружа за првпат се нашла во судир со властите во 2012-та година кога била обвинета за соучество при измамата што ја направил нејзиниот татко Пламен Игнатов при преземање на компанија.
Овојпат за првпат била осудена на 14-месечна затворска казна.
Во 2013-та година била обвинета за маркетиншка измама со брендот BigCoin, a во 2014-та година го формирала OneCoin, пирамидалната шема што ќе ѝ донесе милијарди.
Со оваа шема на инвеститорите им се ветувало дека ќе имаат огромни (четирикратни или петкратни) заработки, но ова никогаш не се случило.
Најважната разлика била во тоа што нејзините коини не се „копале“ како другите криптовалути, туку се генерирале низ софтвер.
Сaмата Ружа тврдела дека нејзината криптовалута наскоро ќе го уништи BitCoin и ќе стане најбарана криптовалута во светот.