Хрватски ракометар крвнички ја тепа сопругата, таа го моли да престане: Сите факти за скандалот што го згрози регионот
- Детали
- вторник, 26 септември 2023
„Те молам престани, што сум ти направила? Немој да ме удираш. Немој повеќе да ме удираш“, вели на снимката Клара Бунтиќ и го моли сопругот, хрватскиот ракометар Денис Бунтиќ да не ја тепа, додека во позадина се слуша детски плач. Што знаеме за скандалот со семејно насилство кој ја крена на нозе Хрватска?
Хрватскиот ракометар и поранешен репрезентативец, Денис Бунтиќ, неодамна беше приведен за семејно насилство, откако крвнички ја претепал сопругата Клара пред нивното 9-месечно бебе. Иако не е првпат да крене рака врз сопругата, Клара овојпат решила да го пријави во полиција, бидејќи се исплашила за својот живот и помислила дека тој може да ја убие.
Полицијата во нивниот стан во Љубушко, пронашла и арсенал оружје – автоматски пушки, зољи и бомби.
Откако дал изјава во полиција, Денис е пуштен на слобода, а неговата адвокатка за локалните медиуми изјавила дека не постоела основа за да го задржат во притвор.
Ова дополнително ја вознемирило Клара, која очекувала нејзиниот сопруг да биде задржан во притвор поради насилството.
„Шокирана сум од тоа што сè дозволуваат нашите институции. Кому да му се обратам да ме заштити, кога сè е корумпирано?
Кога ќе се соочиш очи в очи со смртта сфаќаш дека што ако го сакаш, кога може да те убие... Се плашам“, рекла таа за медиумите.
По ова, Клара на полицијата и на медиумите им дала аудио снимка, што ја направила додека тој ја тепал. На снимката се слуша како таа плаче и го преколнува да престане да ја тепа, но тој продолжува.
„Те молам престани, што сум ти направила? Немој да ме удираш. Немој повеќе да ме удираш“, го моли таа додека вреска од болка, а во позадина се слуша детски плач.