Заложничката драма која ја потресе цела Југославија: Во авионот меѓу киднапираните имаше познати актери, фудбалери и пејачи
- Детали
- петок, 08 септември 2023
Повеќето заложнички драми многу брзо се забораваат, но оваа остана запаметена по тоа што заложниците успеале да ги надмудрат киднаперите.
На 26 септември, во 1981 година, авионот Боинг 727-200 на Јат, кој летал од Титоград (Подгорица) до Белград, бил киднапиран од тројца криминалци кои држеле како заложници 98 патници и осум членови на екипажот повеќе од 20 часа.
Официјален мотив за киднапирањето бил авантуризам, иако години подоцна се шпекулирало и за политички причини.
Меѓу патниците биле познатите актери Жарко Лаушевиќ, Михаило Миша Јанкетиќ и Марко Николиќ, целата екипа на ФК „Будуќност“, поп-ѕвездата Билјана Петровиќ, народни херои, пензионираните генерали Милан Шијан и Божо Лазаревиќ.
Таа „авантура“ му го обележа животот на починатиот актер Марко Николиќ, кој по речиси 34 години од случката го запознал својот киднапер и му простил.
Киднапирањето се случило доцна навечер, непосредно пред полетувањето на авионот од Дубровник, каде што слетал за да прими уште неколку патници за Белград. Тројца мажи вооружени со пиштоли и ножеви се растрчале во авионот и почнале да викаат дека авионот е киднапиран и дека ќе го убијат секој што ќе се обиде да им се спротистави.
Некогашниот директор и напаѓач на ФК „Будуќност“, Жарко Вукчевиќ меѓу првите дознал дека авионот е киднапиран, затоа што заземал позиција во првите редови на леталото.
„Тогаш немаше бизнис класа, а јас седев на едно од првите седишта, па бев еден од првите што се соочи со киднаперите. Тие ги вперија пиштолите кон нас и ни рекоа да одиме до задниот дел од авионот, кој беше полупразен.
Отпрвин мислев дека е шега, но кога сфатив дека не е, пиштолот што беше вперен во мене изгледаше некако многу поголем отколку што навистина беше.
Станав и се сместив до вратата на крилјата која се користи во случај на опасност“, раскажа за српските медиуми Вукчевиќ.
На играчот на ФК „Будуќност“, Мирко Радиновиќ му било чудно што некои од патниците можеле непречено да одат во тоалет, додека повеќето оделе во тоалет во придружба на киднаперите.
„Со текот на времето сфативме дека оние кои непречено одеа во тоалет биле членови на групата што го изврши киднапирањето. Меѓу нив имаше и жена.
Сето тоа го пријавивме во полиција, благодарение на што беше уапсена целата група“, раскажал Вукчевиќ.
Киднаперите Боривоје Јелиќ, Мирко Крижиќ и Милан Прпиќ му наредиле на пилотот авионот да го пренасочи кон Италија, но се премислиле и го промениле курсот кон Тел Авив.
Меѓутоа, израелските власти, сепак, ги предупредиле дека ќе го соборат авионот доколку се доближи до нивна територија, па Боингот 727 слетал на аеродромот во Ларнака, Кипар.
„Прелетавме преку Јадранот до Италија, па преку Грција до Израел и Кипар. Прескокнато беше само патувањето во Африка, бидејќи слушнав дека киднаперите планираат да летаат за Јоханесбург“, раскажал актерот Миша Јанкетиќ за српските медиуми.
И токму на Кипар, драмата била завршена.
Клучна улога одиграле генералите Шијан и Лазаревиќ. Тие „подметнале“ пожар во авионот на пистата на аеродромот во Ларнака, по што патниците морале да го напуштат Боингот.