Туристите се жалат: Зошто во Неа Флогита властите со багери ги тргаа лежалките од плажата?
- Детали
- петок, 11 август 2023
Фотографии од нелегално поставени лежалки на плажите, но и од врзани чадори и лежалки што туристите ги оставиле за да резервираат место се објавени на социјалните мрежи. Српските туристи се жалат дека властите со багери упаднале на плажата во Неа Флогита во Грција. Што се случува?
На Фејсбук групата „Грчка инфо“ каде голем број српски и македонски туристи кои во моментов се на одмор во Грција споделуваат информации за тоа што се случува таму, објавија информација дека на плажата во Неа Флогита со багер биле отстранети голем број лежалки и чадори за сонце, во рамки на акцијата за ослободување на грчките плажи.
Во коментарите се наведува дека од плажите биле одземени чадорите и лежалките и на туристите коишто се нашле на плажата.
Според информациите објавени во грчките медиуми, грчките власти во моментов спроведуваат голема акција за ослободување на грчките плажи од нелегално поставените лежалки и чадори од страна на бич баровите, но и индивидуалците кои имаат навика да ја врзат опремата со синџири за да си резервираат место за следниот ден.
Акцијата следуваше откако минатата недела голем број Грци со крпи во рацете протестираа против големиот број лежалки и опрема што се поставени на плажите нелегално и бараа да се врати „јавниот“ карактер, каде граѓаните сами ќе имаат можност да изберат на кој дел од плажата ќе го поминат денот.
Како што информира грчки Newsbomb, во последните 20-тина дена биле забележани вкупно 336 прекршоци, а биле вршени инспекции на локалните бизниси на Крит, Халкидики, на Кикладите и на Јонското Море.
Според официјалните информации, било утврдено дека голем дел од бич баровите поставувале лежалки без уредна концесија, или пак поставувале повеќе лежалки од дозволеното.
Градоначлникот на општината Неа Пропонтида во Халкидики, Манолис Карас, под чија надлежност се и плажите во Каликратија и Мудања, како и плажата во Неа Флогита во изјава за медиумите рече дека било издадено предупредување за отстранување на сите нелегално поставени лежалки.
Акцијата, како што рече ќе продолжи и во наредните денови, иако властите се соочиле со голем број реакции од присутните на плажата.
На Фејсбук се објавени повеќе фотографии од акцијата за расчистување на плажата, на која се гледа дека властите отстраниле чадори и лежалки што биле врзани со синџири на плажата и оставени за да се „резервира“ местото.
Σε συνέχεια της προηγούμενης ανακοίνωσής μας σας ενημερώνουμε ότι συνεργεία του Δήμου προχώρησαν σήμερα σε απομάκρυνση...
Posted by Δήμος Νέας Προποντίδας on Thursday, August 10, 2023
Прочитајте и Врзани чадори и столчиња, пешкири потпрени со камења – Како се „резервира“ место на плажа во Грција (иако е забрането)?
Б. С. Б. | Црнобело/ фото: voria.gr