Детенце од Србија најде порака во шише на плажа во Грција, па преку Фејсбук ја бара мистериозната Дарина
- Детали
- вторник, 08 август 2023
„Ако Дарина ја види оваа објава, ја канам на сладолед кај Костадинос во Вурвуру. Го пронајдов нејзиното шише со мапата“, стои во пораката на момче од Србија кое пробува да го пронајде мистериозното девојче.
Детенце од Србија пронајде мапа во шише на плажа во Вурвуру, Грција. Мапата ја нацртало девојче кое на листот се потпишало како Дарина. Сега, момчето се обидува да ја најде преку Фејсбук.
Неговите родители објавија фотографии на кои тој е дотеран во карирана кошула, со исчешлана коса и во раце ја држи мапата.
„Ако Дарина ја види оваа објава, ја канам на сладолед кај Костадинос во Вурвуру. Го пронајдов нејзиното шише со мапата“, стои во пораката што родителите на момчето ја објавија на Фејсбук групата „Грчка инфо“.
Ова предизвика интересни реакции меѓу членовите на групата.
Едни велат дека момчето уште од мало е вистински „шмекер“ и дека убаво знае како се освојуваат девојки.
Други коментираат дека Дарина е најверојатно Романка, бидејќи тоа е често име во земјата, а и Вурвуру е познато како место каде што летуваат многу Романци.
„Многу е сладок. Дарина, ајде јави се“, „Сигурен сум дека ќе го памети ова лето до крајот на животот, а и шишето ќе го чува долго време“, „Ако се јави, сигурно ќе ѝ купи и цвеќе“, се дел од коментарите.
Таткото на момчето, кој ги сподели сликите на Фејсбук, досега не потврди дали го нашле мистериозното девојче. Но, тој вели дека идејата да ја побараат токму на овој начин, преку јавна објава, била на неговиот син.
„Не ми даде мир додека не ги споделив фотките. Многу сака да ја најдеме“, вели тој.
А. Ј. | Црнобело