„Оди дома да се пресоблечеш“ – Обезбедувањето се обиде да го избрка Милош Биковиќ од трговски центар пред премиера на филм (видео)
- Детали
- четврток, 20 април 2023
„Ало космонаут, не можеш вака облечен да се шеташ низ трговскиот центар“ – му вели обезбедувањето на Милош Биковиќ во смешното видео што кружи на социјалните мрежи. Српскиот актер сакаше да го промовира својот најнов филм „Предизвик“, но никој не го препозна во костимот.
Српскиот актер Милош Биковиќ, деновиве е топ тема во српските, но и во руските медиуми, откако премиерно беше прикажан филмот „Предизвик“, кој е првиот филм што некогаш бил снимен во вселената.
Минатата недела филмот беше премиерно прикажан во Русија, а синоќа (19.04) „Предизвик“ ја имаше својата премиера и во Белград.
Милош Биковиќ активно се вклучи во промовирањето на своето актерско остварување, па освен што беше присутен на премиерата заедно со својата девојка Ивана Малиќ, тој ги изненади своите сограѓани со необична прошетка низ трговски центар во Белград.
За да ги изненади своите обожаватели, Милош облече астронаутско одело и се прошета низ еден од трговските центри во главниот град на Србија, а со оглед на тоа што носеше и кацига, речиси никој не можеше да го препознае.
На социјалните мрежи кружи смешно видео во кое се гледа како тој облечен во астронаутско одело ги кани случајните минувачи да се фотографираат заедно, а потоа да ја споделат фотографијата на Инстаграм за да добијат бесплатни билети за премиерата на „Предизвик“.
Но, очигледно на обезбедувањето не му се допадна тоа што Биковиќ се прошета во таква облека.
Погледнете го видеото:
Инаку, на премиерата во Белград, Милош на црвениот тепих се појави со неговата девојка Ивана Малиќ, а даде изјава за медиумите каде коментираше за предизвиците со кои се соочил додека го снимал филмот.
„Овој филм е неверојатно снимен и граничи со научна-фантастика. Станува збор за драма, во која треба да се изврши операција на Меѓународната вселенска станица, што е на граница на возможното. Но, овој филм до вчера беше невозможен. Ги поместивме сите граници.
Криво ми е што не отидов во вселената, но велат дека вториот дел ќе го снимаат на Месечината... Би отишол на Месечината, но само под услов да можам да се вратам“ – рече Биковиќ.
Б. С. Б. | Црнобело