Миодраг Радоњиќ е еден од најпознатите српски актери, но пораснал во сиромаштија: „Имав пари само за кифла и јогурт“
- Детали
- четврток, 06 април 2023
„Јас и брат ми од родителите добивавме по 2 динари. Тоа беше доволно да купиме кифла и јогурт“ – Миодраг Радоњиќ раскажува како изгледало растењето во време на санкции по распадот на Југославија, а вели дека тој период ќе го помни по лошите вести на екраните и големата сиромаштија.
Миодраг Радоњиќ во моментов е еден од најпознатите српски актери.
Благодарение на улогата на Бача во хит серијата „Јужен ветер“, тој ѝ стана познат и на македонската и на балканската публика, а слично како неговиот колега од серијата Милош Биковиќ, и Миодраг отворено зборува за тешкото детство и сиромаштијата во којашто пораснал во 90-тите години.
Благодарение на големиот број филмски ангажмани, Миодраг денес ужива во слава и може да си дозволи комфорен живот, но неодамна даде изјава во која се присети на скромните почетоци.
Миодраг е роден во 1989-та година и, како голем број други деца на Балканот родени во тој период, имал можност на своја кожа да почувствува што значи да растеш во средина каде што иднината е целосно неизвесна.
Како што вели, тој период од својот живот го помни по лошите вести на малите екрани и сиромаштијата.
Иако неговите родители се труделе него и брат му Марко да ги заштитат од болното секојдневие, сепак, тој вели дека знае што значи да живееш во воени услови и под санкции.
„Се сеќавам дека кога ќе почнеше ‘Дневникот’ родителите веднаш нè носеа во другата соба, затоа што во тоа време вестите беа мошне вознемирувачки.
Главно, најмногу имаше приказни од завојуваните места. На некој начин, јас и брат ми бевме заштитени од сето тоа“ – раскажува тој.
Миодраг пораснал во Коњарник во Белград, а отворено се присетува и на сиромаштијата што владеела во 90-тите.
„Јас и брат ми од родителите добивавме по 2 динари. Тоа беше доволно да купиме кифла и јогурт.
Кифлите ги полневме со мајонез, сенф и кечап, за да не бидат целосно празни. Немавме печеница или кашкавал.
Тогаш никој не се издвојуваше од моите врсници, сите бевме во иста ситуација. Никој не носеше поскапи патики од другите, туку сите живеевме во илузија дека сето тоа е нормално“ – рече тој.
Инаку, претходно Миодраг откри дека неговата мајка била мошне успешна музичарка, сѐ додека не ги добила децата, по што одлучила да ја жртвува кариерата за да им се посвети.
Б. С. Б. | Црнобело