Бојана Тодоров: „Зошто бев пресреќна кога одлучив од Србија да се преселам во Норвешка?“
- Детали
- петок, 24 март 2023
„Никогаш не се покајав што се отселив од Србија и дојдов во Норвешка. Тука се родив одново и сфатив колку всушност во Србија е гласно, стресно и хаотично...“, раскажува Бојана Тодоров, по професија фармацевт, која од 2019 година живее во Норвешка (по неуспешната потрага по добра работа во Србија).
Бојана Тодоров, по професија фармацевт, од септември 2019 година живее во Норвешка. Таа со сопругот, незадоволна од условите во нејзината родна земја, одлучила да гради иднина во една од најсреќните земји на светот.
На темата зошто се преселила од Србија, Бојана за српските медиуми открива:
„Првата помисла за преселба ми падна на ум кога безуспешно барав работа на државно цели 6 месеци, па се вработив во приватна компанија, па се соочив со навистина лоши услови. Тестирав дали е до мене или системот, променив неколку работни места, но секаде беше лошо.
Потоа си реков себеси дека мора да преземам нешто, затоа што не се гледам себеси во вака ужасни услови да работам до пензија. Не ми беше вреднуван вложениот труд.
И кога ја донесов таа одлука, се чувствував одлично, како да го преземав животот во свои раце. Бев среќна што ќе направам нешто за да ми биде подобро.
Потоа, моите преведени дипломи ги испратив во Норвешка, а во тој период го учев јазикот. И така еден ден бев повикана на онлајн интервју и по два дена добив мејл со понуда за работа и веќе во септември 2019 година бев во Норвешка.
Потоа, отпатувавме и нè пречека навистина топло време, нетипично за оваа скандинавска земја во тој период од годината.
На почетокот со сопругот не бевме свесни што ни се случува, ни се чинеше дека сме отишле туристички, дека сме дошле да прошетаме, а не да живееме.
Минував низ разни фази на привикнување на животот таму, но моето воодушевување од оваа земја само растеше.
Најпријатниот ‘шок’ ми беа насмеаните лица секаде околу нас, од продавници, ресторани до улица, едноставно тоа ве заразува и вие почнувате да го правите.
Нивната смиреност, чекањето во ред, како дел од културата, мирот и тишината, никој не труби во сообраќај, соседите речиси и не ги слушате, имате чувство дека сте изнајмиле куќа за одмор, а всушност живеете во град.
Најтешко ми беше да се навикнам на нивните дијалекти, кои ги има преку 800, но Норвежаните си зборуваат на својот дијалект, па дури и да разговараат со кралот. Тоа е дел од нивниот идентитет и горди се на тоа.
Друго нешто што ме нервира во Норвешка е дождот, дури и во летните месеци. Кога има снег, знае да биде и до минус 20 Целзиусови степени, но некогаш токму во февруари одиме во Србија за да ни помине побрзо зимата, а некогаш дури и на дестинации како Египет.
Зимите Норвежаните најчесто ги минуваат на Канарските острови, Шпанија, Тајланд, Занзибар и други топли краеви и веќе во пролет сè е прекрасно – тогаш не сакате да се приберете дома.
Норвежаните исклучително го почитуваат туѓиот мир, многу одат во природа и тоа кајакарат, возат велосипеди, планинарат, скијаат, тренираат, без оглед на годините. Јас одам на аеробик со баби и дедовци од 70, 80 години.
Важат за едни од најсреќните луѓе на светот поради тоа што имаат сигурна држава, добра заработувачка, рано купуваат недвижнини затоа што сигурноста им е многу важна.