Златко Јовановски, наш моден дизајнер: „Ме нервираат Македонките кога глумат лажно скромни, ако сакаш да светиш – свети“
- Детали
- понеделник, 13 февруари 2023
„Единствена желба на Јелена Карлеуша, за креацијата што ѝ ја правев, беше да биде многу гола и многу украсена. Цеца, пак, инсистираше на прва проба на моделот пред истиот да се украси и везе. Бев во нејзиниот дом, гостопримлива е, испивме кафе заедно, а таму ја запознав и Анастасија, потоа дизајнирав и за неа, но таа никогаш тоа не го облече…“, споделува дизајнерот Златко Јовановски – ЈЗЈ за CRNOBELO.com.
Златко Јовановски – ЈЗЈ (27) од Тетово е моден дизајнер, кој покрај за многу дами од Македонија, има креирано и за некои од најголемите регионални ѕвезди, како што се Јелена Карлеуша и Николија.
Тој за себе вели: „Јас сметам дека сите ние кога доаѓаме на овој свет сме предодредени за нешто, па јас сум бил предодреден да создавам мода. На сето тоа кумовите ме крстиле Златко, зошто знаеле дека ќе сум златен. А мајка ми ме родила во август, во хороскопски знак Лав. Кога ќе ги соберете овие три работи, златен + лав + дизајнер, ќе сфатите дека со причина сум Јзј – Кралот на светкавото.“
За неговата професија, Златко споделува за CRNOBELO.com:
Со кои славни дами од регионот имаш соработувано?
Во регионот тоа се Јелена Карлеуша, Цеца, Драгана Мирковиќ, Николија, Сораја, Вики Миљковиќ од Србија, Фјола Морина од Косово, Сони Малај од Албанија. А од светски рамки тоа е Ava Max, Tyga, Manny Gutierrez, Kash Doll, Muni Long, Kelly Mi Li и други.
Каква е Јелена Карлеуша за соработка?
ОД-ЛИ-ЧНА! Дај боже сите клиенти да се како Јелена!
Се имате ли запознаено во живо, како се одвиваше комуникацијата, имаше ли замерки и специфични барања или само ѝ праќаш креација?
Да, нормално, јас и Јелена се запознавме во Белград околу снимањата на „Ѕвездите на Гранд“, дискутиравме на тема мода во светот и кај нас, зборувавме за нашите идни планови… нормален пријателски муабет.
Јелена немаше некои посебни барања искрено. Ми кажа само дека ми верува многу, дека од сè што видела од мене е воодушевена и единствена нејзина желба беше да биде многу гола и многу украсена. И навистина испадна одлична соработка, направивме бум.
Исто, морам да кажам дека Јелена вистински знае да износи сè на прав начин, сигурна е во себе, нема комплекси околу својот изглед и за мене, како дизајнер, креативец со специфични и уникатни идеи тоа е супер, затоа што немав никакви граници во дизајнот.
Таа е лав во хороскоп исто како мене, а и двајцата сме ексцентрични и екстравагантни во својата професија, па затоа можеби и се погодивме од прва.
Исто мене ме радува многу фактот што сите креации што ги имаме направено специјално за неа, никогаш не претрпеле измени, ниту во дизајн, ниту во конструкција и обем.
Како изгледаше соработката со Цеца?
Со Цеца јас не бев во директен контакт сè до нашата прва проба. Односно нејзиниот „mood-board“ ни го испрати нејзината стилистка.
Јас пратив скици, тие одбраа и истиот го изведовме.
Цеца инсистираше на прва проба на моделот пред истиот да се украси и везе. Имавме проба во нејзиниот дом, заедно ги одбравме деталите со којшто ќе биде украсен моделот.
Цеца е гостопримлива, испивме кафе заедно, а во нивниот дом ја запознав и Анастасија, потоа дизајнирав и за неа, но таа никогаш тоа не го облече. Но, јас не се лутам, просто не може со секој да се погодиш, тоа е нормално.