Урбан лик: Владимир Чадиковски, наш единствен детски кардиохирург - пасија му се мотоциклите, а инспирација спасените животи
Колку често излегувате?
Порано повеќе излегував, последнава година не толку, преку ден повеќе излегувам некако избегнувам гужви, сакам повеќе да одам по мирни места.
Толку ми е динамично на работа со многу луѓе и гледам секое седнување да биде порелаксирано со блиските пријатели.
Желбата да се дружиш останува, некако единствено имам чувство повеќе се смеевме порано, тоа многу ми фали. Што вели татко ми, најтешка работа на светот е некого да насмееш.
Каков беше животот некогаш, каков денес, односно по што сте најносталгични?
Сè е сменето дефинитивно. Јас сум таа генерација која живееше во комунизмот и ова денешно време на социјални мрежи, е од една крајност на морал и етика до крајно изгубени вредности.
Едноставно, изгубени вредности на секое ниво, искрено сè ми фали од тоа време. Пробуваш да се адаптираш, но тешко е некогаш, бидејќи си воспитан по други вредности.
Проблем е како ќе го воспитуваш сопственото дете. Мора да пробаме да ги сочуваме базичните вредности на однесување и почитување.
Би го цитирал кумот Дејан Дуковски: „Кај нас, да речам на Балканот, прилично многу работи од минатото не се затворени како што треба, не се прележани некои детски болести што мора да се прележат.
Сè уште нè оптоваруваат проблеми коишто требало одамна да се решат и да бидат и останат само дел од историјата. Системот на вредности што требало да се воспостави пред многу години, уште се обидуваме да го поставиме. Место по рецепт, мериме некако од око…“
Мислам ова кажува сè, односно дека станавме држава каде најголема вредност што треба да ја поседуваш е да знаеш да импровизираш, трагично е, но така е.
Која е убавата, но и тешката страна на вашата кариера и што ви е најголем предизвик за во иднина?
На последниот конгрес го кажав ова и ќе го повторам и сега, поминаа доста години како се борам да создадам нешто што ќе остане во државата засекогаш што досега никој не го направил, а од што ќе се гордеат сите.
Мислам и дека успеав, имаме веќе Оддел за детска кардиохирургија со ЈСИ стандард, тим со кој се гордеам, менаџмент кој веруваше во нас и кој нè поддржува.
Не знам дали тоа што го правев со години е правилно или не, дали е добро или лошо, дали така треба или не треба, мојата кариера ќе заврши каде и да е кога и да е, но успеав да направам пат за другите генерации да го продолжат ова што јас го започнав, да бидат уште подобри од мене.
Некогаш во животот се наоѓаш на раскрсници, треба да си храбар и да имаш малку среќа, да имаш желба толку голема што на сите други им изгледа невозможна, дека на крај како во спортот никој не се сеќава на натпреварите, се сеќаваат само на победите и трофеите, а мене тие трофеи ми се 700 бебиња спасени досега.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело