Битолчанката Тања изработува ремек-дела со срмен конец: „Најбарана е иконата со Света Богородица“
- Детали
- четврток, 22 февруари 2024
„Уметничко образование немам, целосно сум самоука, работам и се снаоѓам на свој начин, благодарение на мојата креативност и мојата имагинација“ - вели за CRNOBELO.com Тања Велкоска која со своите вешти раце изработува вистински ремек дела од срмен конец.
Тања Велкоска е битолчанка која е мажена во Прилеп. Таа по занимање е воспитувачка, а на социјалните мрежи привлекува внимание со нејзините уметнички дела и иконите што ги изработува, кои се во филигран техника.
Фотографиите од иконите и уметничките дела на Тања Велкоска предизвикуваат восхит и воодушевување кај многумина, а тие се едни од најпопуларните подароци за имендени и слави.
Кога ќе се погледнат одблиску на фотографиите, може да се види дека овие ремек-дела се изработени од тенки нишки на срмен конец и монистра, а изгледаат раскошно и убаво.
Освен икони, таа изработува и персонализирани подароци во квилинг и филигран техника, а вели дека нема намера да застане тука, туку дека планира да научи уште нови техники и да го збогати својот репертоар.
Со Тања разговаравме повеќе за тоа како започнала со изработката на икони, колку може да се заработи од ова хоби и какви икони најчесто бараат Македонците.
Целото интервју со Тања може да го проследите во продолжение:
Од каде интересот за цртањето икони? Може ли да ни раскажете која беше првата икона што некогаш сте ја насликале?
По природа сум многу креативна личност. Уште како дете, од најобично правење новогодишни честитки, се случуваше да направам уметничко дело.
Предизвик ми беше хартијата и така пред 7 години започнав да го работам квилингот со кој се пробив на пазарот за рачната изработка.
За да не застанам тука, предизвик ми стана и филигран техниката која се претвори во моја пасија.
Дали имате формално уметничко образование или целосно сте самоуки во занаетот?
Уметничко образование немам, целосно сум самоука, работам и се снаоѓам на свој начин, благодарение на мојата креативност и мојата имагинација.
Сликате икони со филигран... Колку време ви е потребно за изработка на една икона?
Времетраењето на изработката на една икона зависи од димензиите и тежината на изработка на иконата.
На пример за да изработам икона на А4 формат ми се потребни 5-6 часа.
Колку конец е потребно за да се изработи една икона со средна големина?
Иконите се изработуваат со срмен конец во филигран техника.
Срмен конец во една икона секогаш различно трошам во зависност од тоа колку полнеж има во изработката.
Кој алат ви е неопходен кога изработувате едно уметничко дело?
Секогаш кога ќе ме прашаат со каков алат работам, јас велам најголем алат во моите изработки се моите две раце, секако пропратно со тоа лепило, срмен конец и шаблон.